Граѓани си чуваат лавчиња како миленичиња


 

Неколку македонски граѓани, деновиве на социјалните мрежи објавуваат фотографии од младенчиња од лав, со кои се возат во автомобил или си играат на улица.

Покрај тоа што е опасно, ваквиот тренд е и незаконски, но институциите не реагираат.

По појавата на фотографиите се огласија од „Анима Мунди“. Објавија фотографии од еден ваков случај, а тврдат дека последниве денови имало неколку вакви појави.

„Итно бараме надлежните институции да спроведат истрага и да ги најдат и најстрого казнат сите оние кои во последните неколку дена се сликаат со младенчиња од лав како да се експонати, титули наместо диви животни заштитени со закон! Кој дозволил влез во државата на младеничиња од лав?
Кои институции се вмешани во ова бесрамно кршење на закон?“, прашуваат од Здружението за заштита на животни.

Се бараат одговори од министерството за внатрешни работи, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Независен весник“ постави прашање до Агенцијата за храна и ветеринарство дали ова е дозволиво во Македонија, но од таму уште не стигнал одговор.