Градските автобуси пратени на вонреден технички – нервоза кај жителите на главниот град


Фото: Б. Грданоски

Утринава автобуси на ЈСП, но и на приватните превозници биле испратени на вонреден технички преглед од страна на полицијата, а поради тоа дел од линиите се во прекин.

Од ЈСП Скопје информираат дека 11 нивни возила биле испратени на технички преглед, а за пет било утврдено дека се неисправни.

„Од утринава, па досега, 7 возила на ЈСП Скопје се испратени на вонреден технички преглед. Во меѓувреме, две возила од посочените веќе се вратени на линија. Станува збор за возила кои генерално ги опслужуваат приградските линии“, велат од ЈСП.

Од таму додаваат дека ЈСП Скопје, ја следи состојбата на терен и по потреба, по исклучување на некое возило заради технички преглед, реагира навремено со испраќање т.н. заменско возило како би се избегнала „дупка“ во возниот ред.

За тоа колку возила точно се исклучени од сообраќај, од ЈСП немаат информации затоа што превозот, освен ЈСП Скопје, го сочинуваат и приватни превозници како „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, од каде велат дека не знаат колку точно возила им се исклучени од сообраќај, а информациите че ги добијат од возачите наредните денови, затоа што МВР наводно не ги информира за тоа.

„Во случајов, не сме во можност да ја информираме јавноста за можни непредвидени измени во возниот ред, со оглед на тоа дека вонредните акции не се најавуваат“, додаваат од ЈСП.

МВР информира дека денеска, во периодот од 8 до 12 часот, била извршена контрола на техничката исправност на 11 автобуси, сопственост на ЈСП, од кои кај пет биле констатирани неправилности. Исто така, на вонреден преглед биле и 20 автобуси на „Макекспрес“, а од „Слобода превоз“ деновиве ќе излезат со бројката на проверени возила.

– Согласно со предвидениот план распоред, на 23.2.2022 година, во периодот од 8 до 12 часот, предвидена и спроведена е акциска контрола на подрачјето на Град Скопје, над возила кои вршат јавен превоз на патници (линиски, градски и меѓуградски превоз). Акциските контроли се спроведуваат согласно со утврдена методологија, а со цел зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот на патиштата – нагласија од МВР и додадоа дека била извршена контрола на техничката исправност на 11 автобуси на ЈСП, од кои кај пет биле констатирани неправилности предвидени согласно со одредбите на ЗБСП и ЗВ – информираа од МВР.

Граѓаните пак нервозни и по повеќе од половина час чекаа автобус на постојките низ главниот град. Дел од нив беа револтирани, затоа што велат, ако знаеле немало да ги пратат децата во училиште, оти вреојатно ќе нема како да се вратат дома.