Градовите Битола и Епинал на пат на продлабочување на соработката


Делегација на Општина Битола во рамките на прославата на заштитникот на збратимениот францускиот град Епинал – Свети Никола, престојуваше во градот под Вогезите. Притоа е договорена соработка, особено во преносот на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност, енергетската транзиција и други прашања поврзани со комуналната сфера, јави дописникот на МИА.

Битола и Епинал веќе 54 години како што воспоставија соработка, преку збратимувањето во 1968 година. Соработката е дотолку полесна, со оглед на тоа што Битола е град во кој се промовира француската и франкофонските култури, со голема поддршка и континуирана активност на почесниот конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, како и Француската алијанса, при што се реализирани повеќе заеднички активности и успешни проекти во сите области.

Една од најзначајните области во кои се соработуваше е противпожарната заштита, во која Епинал бил присутен низ годините со обука на битолските пожарникари, кога се примени повеќе донации во опрема и возила. Како резултат на тоа,  постигнато е зајакнување на капацитетите на територијалната противпожарна единица од Битола. соработка со Епинал  во оваа област и реализираните обуки за хортикултурно уредување на јавните површини, што денес е меѓу приоритетите на локалната самоуправа.

Реализирани се повеќе културни размени меѓу двата градови, а една од последните е заедничката поддршка на Епинал и Битола во реализацијата на Фестивалот на малата школа за краток филм, организиран од француската асоцијација АЈ АЈ ВОО, наменет за школската публика, чие второ издание се одржа во Битола од 31 октомври до 4 ноември, на кој учествуваа околу 500 деца од Битола и околните села. Во разговорите меѓу претставниците на двата градови беше истакнато дека „се задоволни што заеднички поддржаваат еден културен проект кој е во зародок, наменет за најмладата публика со охрабрување за олеснет пристап кон филмската уметност, со воспитување преку филм“.

Битолската делегација предводена од претседателката на општинскиот совет Габриела Илиевска, Борче Корлевски, советник (од опозицијата) на Советот на општината, Горан Степановски – директор на општинското претпријатие задолжено за јавни паркиралиштаи Венцо ШИШКИН – (градежен инженер) Директор на Секторот за економски развој при Општина Битола, имаше можност да посети повеќе инфраструктурни инсталации на градот Епинал, како градските оранжерии кои експериентално произведуваат здрава храна на школските кантини, градските топлани кои функционираат на биомаса, како и размена во областа на урбаната мобилност и услуги. Во размената беа вклучени и петставниците на збратимените градови на Епинал, Жамблу-Белгија, Швабиш Хал – Германија и Ла Крос -САД.

Битола и Епинал разговараа и за идната соработка, за која се надеваат ќе започне со проектот за културно наследство, фестивали и туризам за одржлив развој, а чија цел е да изгради мостови на соработка меѓу градовите Битола во Македонија, Ниш во Србија и Епинал во Франција.

 

-Овој проект, за кој искрено се надеваме дека заеднички ќе аплицираме во наредниот период, ќе овозможи јакнење на општинските служби и мобилизација на ресурсите на културно наследство , фестивалските настани, за надградба на политиката на одржлив развој за секоја заедница. Студиските посети, размена на мислења, заедничките работилници, ќе овозможат зајакнување на контактите и соработката помеѓу општинските чинители, особено од областа на културното наследство и фестивалски настани, како и учесниците во секторот туризам од сите три страни. Бенефитот од овие активности, секако уште повеќе ќе ја зголеми и заинтересираноста кај младите, каде во изминатиот период, преку образовниот процес, бележиме повеќе размени на ученици, особено во средното образование, а веќе има интерес и од повеќе  основни училишта во Битола , како во делот на размена со училиштата во Епинал, така и во градењето нови партнерства за заедничко учество преку програмата „Еразмус“ и други проекти, поддржани од меѓународни фондови, рече Габриела Илиевска претседателката на Советот на Општина Битола.

Од особена важност е што ваквата соработка е поддржана и поттикната од градоначалниците на Битола и Епинал, Тони Коњановски и Патрик Нардан, кои ги користат сите можности за развој на нови иницијативи и имплементација на одржливи решенија во повеќе специфични области, во кои локалната самоуправа треба да даде посебен придонес. Тоа беше и дел од темите на кои разговараа и за време на одржаната видеоконференција во месец јули оваа година. Во овој контекст, посебно вреднувајќи ги достигнувањата на Епинал, Битола побара пренос на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност и прашањата поврзани со комуналната сфера, како енергетската транзиција.