Градот Скопје ќе ја финансира целосната реконструкција на улицата „Скоевска“ во општина Бутел 


Советот на Град Скопје на денешната седница  расправаше и  донесе одлука Град Скопје  да реализира голем инфраструктурен проект за целосна реконструкција на улицата „Скоевска“ во Радишани, Општина Бутел.

Проектот ќе се реализира преку меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Бутел, а со истиот се предвидува целосна реконструкција на коловозот на улицата. 

Улицата „Скоевска“ е една од поголемите улици во населба Радишани која се движи паралелно со магистралната улица „Радишанска“ и е во должина од околу 500 метри. 

Проценетата вредност на овој проект изнесува околу 24 милиони денари и средствата ќе се обезбедат од буџетот на Град Скопје, додека Општина Бутел ќе учествува во проектот со изработка на техничка документација и решавање на евентуалните имотно правни односи.