Градот Скопје и за мостот на „Љубљанска“ ја прозва Владата


Од почетокот на изградбата на мостот Фото: Б. Грданоски

Градот Скопје не смета дека е неопходно целосно затворање на кејот кај изведба на мостот на „Љубљанска“ од страна на инвеститорот и изведувачот.

– Сепак, треба да потенцираме дека во овој проект Град Скопје се појавува само како иден корисник, додека инвеститор на проектот е Влада на РМ, финансиер на истиот е ТАВ Македонија, а изведувач на проектот е ТАВ ТЕПЕ АФКЕН, а како подизведувач е ангажирана компанијата ГРАНИТ АД Скопје. Реализацијата на овој мост е дел од проектот на Владата за промена на намената на средствата од концесискиот договор со ТАВ Македонија, кои требаше да бидат искористени за карго аеродром во Штип и наместо тоа, истите се инвестираат во проекти од локално значење – појаснуваат до градот.

Согласно обврските од договорот, Градот Скопје, единствено претставува иден корисник на проектот, што всушност произлегува од законските надлежности за управување со улици во надлежност и во конкретниот случај, ниту се јавува како инвеститор, ниту како финансиер или изведувач.

Во конкретниот случај, Градот воопшто не беше консултиран за затворање на кејот и спортско рекреативната патека и истото е сторено од страна на изведувачите, додаваат од таму.

Техничките решенија мора првенствено да обезбедат безбедно и сигурно движење на кејот и Градот Скопје не смета дека е неопходно целосно затворање на тој потег на кејот. Сметаме дека, водејќи се од приоритетот за безбедноста на граѓаните, треба да се разгледаат повеќе технички издржани решенија од инвеститорот и изведувачот, со кои би се излегло во пресрет на барањата на граѓаните.

Имано, пред неколку дена Здружението за трчање, пливање, велосипедизам, дуатлон и триатлон 091РАНКРУ Скопје, реагираше дека  целосно затворање на кејот ќе ги спречи сите да ги извршуваат  секојдневните активности на подолг временски период, период од неколку години.

Покренаа петиција што требаше да биде доставена до градоначалничката и Советот на Град Скопје, за овозможување на движењето на луѓето под градилиштето, а за тоа дадоа и идеја, да се постави монтажен тунел од контејнери.