Градот се откажа од украсување, но не и од „Винтерленд“

Градот Скопје објави јавен повик за организација на новогодишен базар „Винтерленд“ за 2021 година, а на плоштадот „Македонија“ веќе почнаа да се поставуваат првите дрвени куќички.
Рокот за пријавување е до 6 декември, а апликантите на јавниот повик ќе бидат известени за резултатите во рок од 10 дена од денот на објавување на Јавниот повик, се вели во него.
Се нагласува дека при реализација на проектот, апликантот се обврзува да ги почитува мерките и препораките на Владата за заштита и превенција од
коронавирусот – Ковид 19.

„Винтерленд“ се одржува под овој назив од 2018 година, а традиционално вклучува богата новогодишна програма наменета за деца и возрасни. Има бина за настап на музички групи и театарски претстави. На плоштадот „Македонија пред влезот на ГТЦ се поставуваат дрвени куќички во кои се продаваат новогодишни украси, топли напитоци и храна. „Винтерленд“ трае до 25 дена.
Како годинава ќе биде организиран овој настан, со оглед на тоа што новата градоначалничка Данела Арсовска реши да го раскине договорот за украсување на Скопје и дали успеа да купи украси кои ќе бидат во сопственост на градот, останува да видиме.