Градот изгласа основање јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“


Град Скопје треба да основа јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“, со цел вршење на архитектонски дејности, инжинерство и со него поврзано техничко советување, развој на градежни проекти, останати стручни , научни и технички дејности неспомнати на друго место.

Основањето на оваа јавна установа е со цел подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работи од урбанистичкото планирање, како и за обезбедување на оптималните услови за вршење на дејноста на урбанистичкото планирање на начин уреден со Законот за урбанистичко планирање.

Одлука за основање на јавна установа за урбанизам на Град Скопје „Кензо Танге’’ помина на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Со основањето, јавната установа за урбанизам како посебен правен субјект, за задача има преземање на сите активности кои опфаќаат елементи на просторно и урбанистичко планирање.

Во тој контекст, како што нагласуваат градските власти јавната установа за урбанизам покрај дефинираните надлежности согласно Националната класификација на дејности ќе ги извршува и следните работи: учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, изработува урбанистички планови и урбанистички проекти и учествува во нивното донесување, спроведување и следење на спроведувањето, изработува стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти согласно условите за вршење на ревизија пропишани со закон; изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот, одржување и ажурирање на базата на просторни податоци за своето подрачје; следење и анализа на спроведувањето на урбанистичките планови; изработка извештај за состојбите во просторот; изработна на основни и сообраќајни проекти учество во создавање на оценката за просторниот развој и учество во создавање на програмата за донесување на урбанистички планови.

Покрај ова, установата ќе остварува соработка со надлежните институции за планирање на просторот при изработувањето на просторни планови од нејзина надлежност

Седиштето на оваа јавна установа ќе биде на булевар. „Илинден“, број 82.

Почетните средства за работа на јавната установа во износ од 5 000 (пет илјади) евра во денарска противредност, се обезбедуваат од Буџетот на Град Скопје.

Како трајни извори на средства за непречено и нормално функционирање, односно за вршење на дејноста на јавната установа ќе се обезбедат од средства на основачот, односно Град Скопје, како и од сопствени средства на уастановата при вршење на дејноста и други извори. Органи на јавната установа се: управен одбор, надзорен одбор и директор како и други органи утврдени со закон и статут на установата.