Градоначалникот на Битола го обвини Министерството за труд за опструкции околу градинките


 

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски (ВМРО-ДПМНЕ), денеска ја обвини владата дека прави опструкции врз локалната самоуправа во неговиот град откако Министерството за труд и социјална политика ги одзеде надлежностите на Општина Битола за управување со установата „Естреја Овадија – Мара“, која во својот состав има 9 градинки.

Коњановски вели дека со таа одклука им се нанесла „индиректна штета на нашите најмлади, нашите најмили – децата од предучилишна возраст“.

„Во досегашниот период, до Општина Битола беа доставени низа претставки од вработени во ‘Естреја Овадија – Мара’, каде се наведени жалби од однесувањето на директорката на оваа установа. Јас и во текот на вчерашниот и денот пред тоа се сретнав со повеќе од 50-ина вработени од таа институција“, рече тој на прес-конференцијата пред Министерството за труд во Скопје.

Тој тврди дека вработените му рекле дека во установата има мобин, своеволие и  притисоци. Според она што наводно му го кажале група вработени изборот на член во Управниот одбор на установата од колективот бил нерегуларен, спроведен без присуство на сите членови и во недостаток на гласови, дополнет со глас на директорката која самата гласала. „Нелегално избраниот член, не беше изгласан од Советот на општина Битола“, рече Коњановски.

„Наместо преземање на соодветни мерки, денес, се соочуваме со одземање на ингеренциите за оваа детска градинка, токму поради нашата посветеност за законско спроведување на постапките и обезбедување соодветни услови за работа на вработените, а пред сѐ непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст“, нагласи Коњановски.

Тој очекува Министерството за труд и социјална политика да „запре со опструкциите врз Општина Битола, особено во овој случај кога се во прашање децата и да ја преиспита својата одлука“.

Со одземањето на ингеренциите именувањето на членот на УО од редот на вработените сега нема да се гласа на седница на Советот на Битола, туку на седница на Владата, со тоа што УО ќе биде во полн состав од 7 члена.

Во политичките кругови во Битола велат дека градоначалникот и Советот на Општината со мнозинство во Управниот одбор сакаат да ги сменат директорите на градинките во Битола кои имаат важечки мандат.