Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, позитивна на Ковид-19 


Битолската градоначалничка вчера се сретна со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Дали тој ќе оди во излоација?

БИТОЛА – Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, е позитивна на Ковид-19. Информацијата ја објави таа самата на својот ФБ профил. Петровска напиша:

„По резултатите од денешниот направен тест се утврди дека сум позитивна од Ковид-19. Следните денови согласно препораките останувам во изолација. Бидете во добро здравје!“ 

Засега не се знае колку контакти имала Петровска во изминатите денови, но според јавно објавените информации само вчера таа имаше три средби. Петровска беше домаќин на првата работна посета на новиот француски амбасадор, Сирил Бомгартнер, во придружба на почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија-Стилиновиќ.

Таа во својот кабинет оствари средба и со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, со неколку пиротехничари по теренските активности на локацијата каде што се извадени над 10.000 експлозивни направи од Првата светска војна во Битола, а оствари средба и со директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Еран Куртиш. (А.Б.)