Градежна инвазија по скопските булевари


Фото: Б. Грданоски

 

Град Скопје цело лето врши реконструкција на главните сообраќајници, на кои се заменува дотраениот асфалт со нов, се поправаат тротоарите и велосипедските патеки.

Се користи времето кога граѓаните се по одмори, па е намален метежот по скопските булевари, а за да се избегнат високите температури преку ден, главните активности како гребење на асфалтот и повторното асфалтирање на многу сообраќајници се извршуваат ноќе.

Како што неколкупати изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, булеварите во Скопје не биле реконструирани со децении, а некои се толку оштетени што се оди на подлабоко обновување.

Негова заложба беше реконструкцијата на булеварите во Скопје да завршува во рекорден рок од 20 до 30 дена, а и сè што може да се заврши ноќе, да не се врши преку ден.

Градежната инвазија во Скопје се гледа зад секој агол. Некои булевари се раскопани, се затвораат по една, две ленти, се пренасочува сообраќајот, се поставува привремена сообраќајна сигнализација. Реконструкцијата на булеварите доведе и до многу често пренасочување на трасата на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, а беа затворани и некои постојки, кои само беа одминувани од автобусите.

Метеж од возила, сепак, имаше. Автобусите доцнеа, а граѓаните што не разбрале дека некоја постојка е времено затворена реагираа кај возачите на автобусите, дека ќе морале да одат стотина метри повеќе. Но целата таа нервоза можеби на крај ќе се исплати, па ќе се возиме по рамни булевари на кои асфалтот не изгледа како разбранувано езеро. Нема на секои десетина метри да внимаваме со автомобилот да не погодиме некоја дупка, а од септември, со почетокот на учебната година, кога градот ќе се наполни со луѓе, сообраќајот ќе биде проточен.

Со реконструкцијата на улицата „Андон Димитров“ во Драчево, во март, почна обновувањето на речиси сите булевари низ градот. Следуваа булеварот АСНОМ, дел од булеварот „Партизански одреди“, „Февруарски поход“, „Лазар Личеноски“, „Димитрија Чуповски“, „Брадфордска“, „Московска“, „Босна и Херцеговина“, „Христијан Тодоровски Карпош“, булеварот „Кочо Рацин“, на потегот од булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ до улицата „Свети Кирил и Методиј“.

Деновиве почна реконструкцијата и на булеварот „Крсте Мисирков“ кај Бит-пазар.

Екипите на Град Скопје почнаа со финално асфалтирање и булеварот „Февруарски поход“ во Ново Лисиче. На терен градежните работи се изведуваат со засилено темпо, а се работи и во вечерните часови.

Паралелно со почетокот на обновување на булеварите и општинските татковци на Карпош, Чаир, Аеродром, Гази Баба и другите ги засукаа ракавите, па почнаа со реконструкција на повеќе помали улици, по кои неретко поставуваа и атмосферски канализации и друга подземна инфраструктура.

Додека траат градежните работи, редовно се воведува привремен режим на сообраќај. Надлежните апелираа до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолуваат за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во повеќе делови на градот.

 „На точак“ бара примена на нови стандарди при реконструкција на булевари

Уште при најавата на реконструкција на повеќе булевари во Скопје, иницијативата „На точак“ побара пешаците и велосипедистите да се стават како приоритет пред автомобилите.

„Нам навистина и очајно ни требаат вистински нови стандарди, мултимодалитетно планирање, превртување на сообраќајната пирамида, ставање предност на луѓето пред автомобилите“, пишуваше во реакцијата од граѓанската иницијатива „На точак“ објавена на социјалните мрежи, а за овие забелешки комуницирале и со Град Скопје.

Според нив, промената на асфалтот не смее да се смета за реконструкција доколку сообраќајното решение не се унапредува. Тоа, едноставно, спаѓа во одржување на постојната состојба, а секое посериозно реновирање бидејќи се прави ретко и чини многу пари, треба да се искористи да се подобри и решението.

Оттаму бараат стеснување на коловозните ленти од 3,5 метри, чија широчина одговара на проектна брзина од 90 км/ч, на ленти широки 3 м, широчина која одговара на проектна брзина од 50 км/ч, со цел поголема безбедност во сообраќајот и подобра распределба на уличниот простор, со што ќе се добијат пошироки тротоари, велосипедски патеки или зелени зони.

„На точак“ бара и воведување специјални автобуски ленти со цел зголемување на брзината на јавниот превоз во скопскиот метеж; подобрување на условите за возење велосипед и пешачење; забрана за паркирање возила во пешачката зона и во зелени површини, како и обновување на уништените зелени површини; заобиколување на автобуските постојки од велосипедските патеки наместо велосипедистите да минуваат низ патниците.

Билјана Богдановска