Град Скопје бара надлежност над Калето за да ги средат и скривниците


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје поднел барање до Владата за да го преземе владеењето со скопското Кале, соопшти денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со овој простор, вклучително и депониите под тврдината, а особено во врска со лошата состојбата на скривниците, кои се нефункционални и комплетно запуштени.

Ѓорѓиевски посочи дека поголемиот дел од просторот е веќе исчистен, а дека сите останати работни активности ќе следат штом Градот ја преземе одговорноста и грижата за Калето.

Кога владеењето ќе ни припадне нам тогаш ќе можеме и да ги средиме скривниците и да се заштитат соодветно, но и да направиме реконструкција на патеките и на урбаната опрема која 20-тина години не е променета – рече градоначалникот.

Фото: Б. Грданоски

Овие скривници, како и останатите лоцирани низ Скопје, веќе две децении се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, која треба да се грижи за нивното одржување и обновување. Но, наместо тоа, речиси сите се неупотребливи, во дел од нив не може ни да да се влезе, а дел се претворени во диви депонии. Тоа значи дека не е доволно Град Скопје да го добие владеењето со Калето, туку и надлежноста да се грижи за засолништата за да може да постапува и да ги уредува овие објекти.

Скривниците минатата година беа предмет на ревизија на државните ревизори, кои во својот извештај утврдија дека ДЗС не врши тековно и инвестициско одржување на засолништата. Ревизорите во најголем дел од нив не можеле да извршат физички увид затоа што вработените во подрачните одделенија на ДСЗ не можеле да ги отворат.

Скривници на Кале (Фото: Б. Грданоски)

Голем дел од засолништата се блокирани или затворени од препречки од дрва и кабаст отпад, дел од нив се отворени и личат на депонии, а некои се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостиг на струја и вода… Дел од опремата на ДЗС сместена во магацините е нефункционална, неупотреблива и технолошки застарена, некомпатибилна, непроверена, несервисирана веќе подолг период, со поминат рок на употреба– утврдија ревизорите генерално за сите скривници во Скопје, не само за оние под Кале.