Град Скопје со европски пари ќе рециклира градежен отпад, Струмица ќе прави велосипедски патеки


Со 600.000 евра евроопски пари, Општина Тетово ќе ги дигитализира услугите за граѓаните, со 750.000 евра пак Општина Струмица ќе гради велосипедски пари.

Градоначалниците на 19 општини денеска потпишаа договори со Европската унија за поддршка во висина од 5,5 милиони евра од програмата „ЕУ за општините“ и 10,7 милиони евра за прекугранична соработка со Албанија.

Програмата „ЕУ за општините“ е грантова шема со вкупна вредност од пет милиони евра, која им овозможи на осум општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ од 300.000 до 800.000 евра. Покрај тоа, 11 грантови обезбедени од ЕУ беа доделени во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија. Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка кофинансираат до 15 отсто од вкупните прифатливи трошоци на овие грантови.

Втората цел на конференцијата „ЕУ за општините“ е да се претстават тематските платформи за вмрежување во секторите кои се приоритет за општините во Северна Македонија: дигитализација, управување со отпад и урбана мобилност. Овие сектори се дел од Европскиот зелен договор и општините Аеродром, Охрид, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Врапчиште и Град Скопје со помош на грантовите од ЕУ ќе подготват и спроведат соодветни иновативни решенија.

Така, Аеродром со овој грант треба да спроведе проект за „Нулта цврст отпад“, Охрид – во областа на турзмот, Струмица и Велес во урбаната мобилност, Врапчиште социјална грижа, односно „Никој не оставај зад себе“, Радовиш ќе вложи во обновливи извори на енергија, Тетово за дигитализација на општината, а Град Скопје за рециклирање на градежниот отпад.

Во однос на кофинансирање на 11 проекти за прекугранична соработка со Албанија, вкупната вредност за двете држави е 10,7 милиони евра, грант на ЕУ.

– Половина од овие средства, преку проекти ќе се реализираат во нашата држава. Проектите се партнерски и тоа е нивната додадена вредност, имплементираат општини, установи, граѓански организации и со нив се подобруваат условите за живот во Охрид, Битола, Могила, Демир Хисар, Маврово Ростуше, Крушево, Ресен, Струга, Врапчиште и Боговиње, најави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој вели дека овие проекти треба да се реализираат во период од две до три години.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероника Хулман Марти истакна дека демократијата започнува од локалното ниво и соработката со локалните општински институции е важна за сите држави, бидејќи тука се практикува демократијата преку директно влијание врз одлучувањето за подобри јавни услуги и како се искористуваат јавните финансии.

– Процесот на децентрализација изискува долгорочни заложби и одржување на ниво на напори, капацитети на општините, со што ќе станат финансиски и политички независни, со цел да обезбедат соодветни услови на граѓаните, додаде швајцарската амбасадорка.

Претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање посочи дека општините имаат иновативни концепти, но потребна е поддршка за да можат да ги реализираат проектите.

– Големиот одзив на општините во јавниот повик имаше околу 60 доставени апликации и покажа дека знаеме и можеме да работиме, но и да им дадеме квалитетни услуги на граѓаните. Потребно е локалната власт да има континуирана поддршка, со цел да се имплементираат сите барања на граѓаните, додаде Арсовска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека приоритетите на ЕУ се јасни – промовирање и подготовка за зелена трансформација и иновација и дигитална трансформација, а притоа охрабрувајќи народни партнерства и добрососедски односи. Најави дека ЕУ ќе обезбеди грантови за неколку општини за подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради.