Град Скопје се дообјаснува за превозот, Јовановски би дал отказ од „Слобода превоз“


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје со прес-конференција за состојбите во јавниот превоз:

Уште на почетокот на решавање на овој проблем, од Градот беа понудени решенија, но некому тие не му одговараа, рече генералниот секретар Зоран Глигоров, кој не остана да одговори на прашањата на новинарите, туку ги упати тие да ги постават преку електронска пошта.

„Застој во однос на вршењето на јавниот превоз во однос на ЈСП нема, туку целиот застој е поради блокадата од приватните превозници. Го повикуваме МВР да реагира согласно законска основа да преземе мерки. Одреден приватен личен интерес, врши штета на градот и на граѓаните. Што се однесува до јавниот повик, е една техничка операција, која во суштина е иста како и претходниот, со кој беа ангажирани чинителите. Има интерес од оние луѓе кои и до сгеа возеле. Јавниот повик е отворен и нема ограничување. Секоја што сака да врши дејност согласно правила и закон, може да се пријави“, рече Глигоров.

Во однос на должничко-доверителските односи се врши ревизија, соопшти Глигоров, врз основа на што точно ќе се утврди состојбата.

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, пак, чии превозници трет ден го блокираат Скопје, вели дека никој нема да се пријави на јавниот оглас на Град Скопје за линиите 20 и 22.

-Никој, претпоставувам, од превозниците нема да се јави, ниту од постојните, ниту некој нов. По логиката на нештата, кој би сакал да влезе, да врши работа, да биде во јавниот превоз и после неколку месеци да ви кажат: „Тужете нѐ за долгот, ќе ви ја одземеме работата“. Се воведе една лоша пракса и довербата во Град Скопје, преку градоначалникот не дозволува луѓето кои сакаат да влезат во оваа работа, имаат интерес. Освен ако тоа не се некои кои се претходно договорени, рече Јовановски во изјава за Сител.

Тој обвинува дека Данела Арсовска ја злоупотребила својата службена положба обесправувајќи ги приватните превозници. Тој ќе побарал и да биде повлечен од директорката позиција во „Слобода превоз“ за целата ситуација да не добива политичка димензија.

-Јас ќе понудам пред превозниците да се повлечам и како Ленин Јовановски и како „Слобода превоз“ од понатамошните процеси, ако веќе тоа беше некаква пречка. Или тоа гледам дека сега се актуелизира до тоа ниво, да некој тоа му е изговор за неспособноста да го реши овој проблем на приватните превозници. Сега јас ќе им го одземам тој комодитет за да можат да се правдаат вперувајќи го прстот кон мене како индивидуа, рече Јовановски.

Данела Арсовска трет ден по ред ја нема да излезе ниту пред медиуми, ниту пред граѓаните за да предложи решение за проблемот, ниту пак, ги повика превозниците на разговор за скопјани да можат редовно да ги завршуваат обврските, а не да бидат закочени на улиците. Единствено, преку социјалната мрежа Фејсбук објави статус преку кој топката ја префрли кон првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и кон актуелната власт.