Град Скопје: Почнува летната градежна офанзива на улиците и булеварите
Град Скопје соопшти дека ја почнува летната градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и булевари. Во претстојниот период, како што информираат од Град Скопје, предвидено е да почнат градежни работи на 11 локации низ градот, во неколку скопски општини.
Планирана е изградба или проширување на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, на потегот од булеварот „Свети Климент Охридски“ до кружниот тек кај Католичка, на должина од 530 метри, бул.„АСНОМ“ од бул.„Гоце Делчев“ до влезот во Ќерамидница, на должина од 300 метри, ул.„Васко Карангелевски“ на потегот од бул.„Јане Сандански“ до бул.„Трета македонска бригада“, на должина од 1.000 метри и на раскрсниците: на ул.„Скупи“ и бул.„8 Септември“, на бул.„8 Септември“ и бул.„Никола Карев“ и на бул.„Никола Карев“ и бул.„Словенија“ (капиталниот проект за изградба на два кружни тека, подвозници и надвозници кај Момин поток).
Градежни работи за реконструкција на постојниот коловоз, пак, ќе се изведуваат на: ул.„Бутелска“, на потегот од ул.„Александар Урдаревски“ до обиколницата, на должина од 850 метри, бул.„Борис Трајковски“, на потегот од Пинтија до Драчево, на должина од 2.000 метри, ул.„Лука Геров“ на потегот од кружниот тек кај пожарната до ул.„Волковска“, на должина од 1.800 метри, бул.„Киро Глигоров“ од бул.„АСНОМ“ до бул.„Александар Македонски“, на должина од 1.500 метри, ул.„Индира Ганди“, втора фаза до обиколницата, на должина од 800 метри, бул.„Кузман Јосифовски Питу“, на потегот од новата железничка станица до бул.„Кочо Рацин“ и на бул.„Крсте Мисирков“ на потегот од бул.„Кузман Јосифовски Питу“ до бул.„Гоце Делчев“ на должина од 650 метри.
-Градот Скопје продолжува да гради со засилено темпо, со рекордно кратки рокови во сите 10 скопски општини. Скопје продолжува да ја развива својата улична мрежа истовремено со мрежите на велосипедски и пешачки патеки за да обезбедиме одржлива урбана мобилност која подразбира безбеден и ефикасен сообраќај. За потсетување, во текот на есенската градежна офанзива на Град Скопје, пред крајот на 2020 година, беа обновени многубројни сообраќајници во повеќе скопски општини, со посебен акцент на реконструкцијата на источниот влез во градот. Сите градежни акции се завршија во рекордно кратки рокови, од 10 до 30 дена, стои во соопштението.