Град Скопје не може да им ги зголеми платите на пожарникарите


Фото: Б. Грданоски

Нови триесет пожарникари и пожарникарска скала, најави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, но вели не може да им ја зголеми платата.

-Градот, за жал, не е тој кој што ја определува висината на платата на пожарникарите и надоместокот кој што го добиваат. Тоа е нешто што го трансферираме до пожарникарите по пат на блок дотациите кои што ги добиваме од централната власт, како што е случај со негователките во градинка и наставниците, значи не е нешто што зависи од нашата одлука. Сепак, мораме да водиме сметка за буџетските биленси што ги имаме, што на Град Скопје, што на централно ниво. Но, мислам дека ќе се изнајдат средства за да им се зголемат платите на пожарникарите, рече Шилегов.

Градоначалникот на Скопје уверува дека на пожарникарите ќе им се помогне со нова сила, односно вработување на триесетина пожарникари, а вели наскоро треба да стигне и скалата од Германија, за интервенирање во високите згради.

-Набрзо ќе биде распишан огласот за прием на нови 30 пожарникари, на местото на луѓето кои заминаа во пензија, или ќе заминат во пензија во текот на оваа година. Нема да дозволам да падне бројот под минимумот кој ќе гарантира безбедност на сите делови од Скопје. За неколку месеци, најдоцна до крајот на февруари, ќе ја добиеме и скалата од Германија, за високите делови од зградите, рече Шилегов.

Претходно, зголемување на платите на скопските пожарникари на нивото предвидено со закон и потврдено од суд, побара Синдикатот на пожарникари на Град Скопје. Со тоа, посочуваат од Синдикатот, Градот ќе заштеди на судски трошоци, а пожарникарите во просек би добивале 25-26 илјади денари, наместо досегашните 20 илјади денари.

Од Синдикатот, исто така, посочуваат дека судот пресудува во нивна полза изјаснувајќи се по тужбите поднесени од секој еден пожарникар-спасител поради исплатена плата за 10 отсто помала од таа што требало да се пресметува за периодот (2014-2017).

– Со тоа пожарникарите ги добиваат своите пари, но Градот покрај овие пари исплаќа и камати, трошоци за судот и за адвокати, а понекогаш и за извршители. Секако ние остануваме оштетени за некоја сума на пари порди тоа што овие пари не ни се пресметуваат во просекот за пензионирање, нагласуваат од Синдикатот.