Град Скопје: Мицкоски нема кредибилитет за нови ветувања откако го призна името од Преспа
Градот Скопје попладнево преку објава на социјалните мрежи реагира на најавите да и се земат ингеренциите на градоначалничката Данела Арсовска, со порака дека премиерот Христијан Мицкоски нема кредибилитет да зборува за ветувања откако, како што оценуваат, го признал Преспанскиот договор иако три години ветувал дека кога ќе дојде на власт ќе го врати името.
Од Градот го повикаа Мицкоски, доколку се грижи за градот и за скопјани, да издејствува и на следната седница на Советот наместо да ги блокираат, советниците од редовите на неговата партија да ги поддржат проектите кои тој заедно со градоначалничката Данела Арсовска ги ветувале пред граѓаните на локалните избори.
„Мицкоски можеше и сè уште може, ако сака, да им овозможи на скопјани нови автобуси, нови контејнери, нови машини за собирање смет, повеќе комунални работници, нови зелени површини. Сè што треба да направи за да го одблокира градот е да испрати СМС-порака на неговите експоненти во градот од денес да работат во корист на граѓаните, а не на партијата“,наведуваат од Град Скопје во писменото соопштение.
Градските власти го повикаа премиерот наместо да се крие зад партиски соопштенија, да ја прекине две и полгодишната деструктивна политика на целосна блокада на Скопје преку советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„И за крај, Владата четврта година по ред ја нема платено обврската кон ЈСП за студентскиот стандард. Наместо тоа, еве сега има можност да плати рата за автобусите на Шилегов за кои ВМРО-ДПМНЕ гласаше тој да ги набави“, додаваат од Градот Скопје.