Гостиварпрес: Вардар со денови без вода, коритото полно со отпад


Изминатите денови забележлива е загрижувачка и жална слика на Вардар во Гостивар, пишува „Гостиварпрес“. Во поголемиот дел, особено поширокиот, реката е речиси пресушена, оставена на по некоја капка вода и камења.Безводниот Вардар ја извади на површина и ниската еколошка свест, па по коритото може да се види разновиден отпад, од цели ќеси и вреќи со ѓубре, пластични амбалажи, кутии, обувки…

Граѓаните алармираат и реагираат за лошата состојба на реката. Стравувајќи од еколошка катастрофа од поголеми размери прашуваат „Зошто Вардар е оставен без вода?“.

Од АД ЕСМ отфрлаат одговорност за нивото на водата во реката Вардар и наведуваат дека по барање на фирма заради градежни зафати, мавровските хидроелектирани привремено не работат, но, како што појаснуваат, хидроелектраните не го обезбедуваат и не можат да влијаат на биолошкиот минимум на реката.

„Имено, по барање на градежната компанија „Пелагонија” од Гостивар која врши санација на мостот на излезот од Гостивар на регионалниот пат кон Кичево и Охрид, поради изведување на бетонски работи во непосредна близина на коритото на реката Вардар, хидроелектраните се привремено надвор од функција. Овој прекин  во производството на електрична енергија започна на 15 септември и ќе заврши на 30 септември. Во овој контекст, би сакале да појасниме дека хидроелектраните во Маврово не го обезбедуваат, ниту пак можат да влијаат на биолошкиот минимум на реката Вардар. Нашите оперативни процедури се различни од природниот тек на реката и не се причина за нејзината моментална состојба. Нашите операции се спроведуваат во целосна согласност со сите еколошки регулативи и законски барања, и отфрламе било каква одговорност за природните флуктуации на нивото на водата во реката Вардар.“, се вели во ставот  од ЕСМ.

Од подружницата на водостопанство во Гостивар за Gostivarpress.mk изјавија дека моментално главниот канал за наводнување им е исклучен и дека периодов речиси и да не користат вода од Вардар за наводување на нивите.

„Не е до нас, сега скоро и да не црпиме вода од реката за наводнување, сезоната помина“, рече раководителката на подружницата, Јулијана Николиќ.

Пред неколку дена на социјалните мрежи се појавија и фотографии и видеа од изумрени риби во Вардар во Гостивар.

До сега ниедна инспекциска служба не излезе со официјална информација околу проблемот.