Гордана Вренцоска, уметница и дизајнерка: Го донесовме Ив Сен Лорен во Скопје

Гламурот и фолклорот постојано се мешаат во нејзината кариера и живот. Нормално ѝ е наутро да испие англиски чај, навика од Лондон, за време на постдипломските студии на Централ Сент Мартинс колеџот , а потоа да нурне во истражувањата на македонското културно наследство. На пролетниот Моден викенд во Скопје го донесе модното наследство на славниот дизајнер Ив Сен Лорен.

Во професионалното портфолио на Вренцоска, која е и декан на Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ, се набројани над 12 самостојни и 40 групни изложби, модни ревии и многу признанија.

Како соговорник е инспиративна жена, и со изгледот, и со приказните од патувањата низ светот.

По истражувањето на културното наследство му се вративте на гламурот. Чија беше идејата за тематско модно шоу со наслов „Ив Сен Лорен и јас“ и зошто токму овој славен дизајнер?

– Минатата година, во два наврата учествував на конференции за дизајн и мода во Париз, па влијанието од тој град и од тие случувања беше неизбежно. Со ректорката на ЕУРМ проф. д-р Јана Манева-Чупоска на конференцијата за европско модно наследство го проследивме предавањето на Орели Самуел, директорка на Музејот „Ив Сен Лорен“ во Париз и бевме воодушевени од нејзиниот студиозен пристап кон сите аспекти од творештвото на овој моден гениј. Ја поканивме да дојде во Македонија и да одржи предавање за неговото модно наследство. Потоа мене спонтано ми дојде идејата годинешната студентска модна ревија на Факултетот за арт и дизајн да ја насочиме кон Ив Сен Лорен. Тимот професори од Катедрата за моден дизајн едногласно ја прифати идејата и така стигнавме до тематската одредница на проектот.

Дали беше тешко студентите да ги насочите во вистинскиот правец зашто станува збор за нови, помлади генерации?

– Имавме првична скептичност поради временската оддалеченост на оваа генерација од златните времиња на творечката активност на Ив Сен Лорен, иако модниот бренд „Сен Лорен“ успешно работи и денес со други дизајнери. Но, предизвикот за истражување и откривање на што повеќе детали за творечкиот процес и колекциите на овој славен дизајнер беше успешно совладан од страна на студентите. За среќа, имавме помош од госпоѓата Самуел од Музејот, која на студентите им посочи одлични извори каде да го спроведат своето истражување. Се надевам дека и ние од професорскиот тим во улога на ментори успеавме доследно да ги насочиме нивните идејни замисли во успешни финални модни решенија.

Различните културни и уметнички влијанија, како модерната уметност, азиските и африканските култури, но и изразениот француски шик се препознатливи за неговиот моден идентитет.

– Токму така и за сите овие влијанија ќе може да дознаеме повеќе од предавањето на госпоѓата Орели Самуел „Ив Сен Лорен: инспирациите на модниот гениј“, кое ќе се одржи на 8 мај во просториите на Европскиот универзитет. Ова предавање ќе го реализираме со поддршка на Францускиот институт – Скопје, во рамки на офф-програмата на Моден викенд Скопје.

Како моден дизајнер, уметница, што најмногу Ви се допаѓа во творештвото на Сен Лорен?

– Тоа што мене лично ме допира во неговото творештво е фасцинираноста од ликовната уметност – од делата на Пит Мондријан, Пабло Пикасо, но и од народниот костим во африканските и азиските култури. Тоа е толку очигледно во неговите креации. Ми се допаѓа и неговата интерпретација на смокингот во женска варијанта.

Како публика, сме Ве забележале во гардероба на славни модни дизајнери, купени за време на Вашите патувања што Ви се страст. Како дама и професионалец, на што не можете да одолеете при шопингот? Културата, традицијата, дизајнот или цената?

– Кога патувам, претежно ги избегнувам глобалните брендови кои може да ги купите на секој чекор. Сакам да купам нешто што е автентично и што доаѓа од локалната традиција, како и креации од домашни дизајнери во земјата во која престојувам. На пример, од Бетси Џонсон во Америка или од Џаспер Конран и Метју Вилијамсон во Велика Британија. Во Австралија инсистирав да најдам производи од дизајнерите со абориџинско потекло и на тој начин да ја поддржам нивната продажба. И некои од странските гости кои беа на Моден викенд Скопје ми зборуваа дека им е важно да купат парчиња од македонски дизајнери. Но, одличен дизајн и квалитет на материјалите ми се на прво место.

Како професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, на кои приоритети ги учите студентите?

– Сметам дека на студентите треба да им се вгради чувство за одговорност кон сопствениот талент, да вложуваат во развој на личниот интегритет и да имаат емпатија за другите лица.

Во неколку наврати, со ревии учествувате на Моден викенд Скопје. Што за Вас претставува настанот, и како учесник, и како публика?

-Факултетот за арт и дизајн секоја година традиционално се претставува со студентска ревија на пролетното издание на Моден викенд Скопје, но нашата соработка знае да биде и во форма на изложби, работилници и предавања. Како публика, Модниот викенд лично ми овозможува да ги проследам тековните случувања на модната сцена во Македонија и пошироко.

Длабоко сте нурната во истражувањето на македонското културно наследство. Подготвувате ли нешто на таа тема, или нешто друго?

– Мојата приказна со македонското културно наследство трае континуирано. Минатата година бев координатор на проект-работилница за дигитализација на мотиви од македонската традиционална текстилна орнаментика. Технички се подготвуваат мотивите за примена и достапност на јавноста. Во текот на април ќе одржам предавање на Уметничката академија во Шчечин, Полска, на тема: „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“. Ова,  впрочем, беше и темата на мојот докторски труд, одбранет во 2016 година.

Како го поминувате слободното време?

-Слободното време го поминувам во дружење со блиските, во природа и секако во патувања.

Лејла Сабит        Фото: Борис Грданоски