Гир: Време е да се оди напред


Огромно мнозинство земји членки сакаат што е можно побрзо  да почнеме преговори со ЕУ, и ние и Албанија. Моето разбирање е дека тоа е став и на ЕК, која веќе го препорача во октомври лани. Тоа е нашата цел и на таа цел работиме заедно. Северна Македонија ги исполни сите услови на линија на европските принципи и почнувањето на преговорите е заслужена работа. Изгубеното време, години и генерации, покажаниот прогрес изминатите години и покажаното лидерство во решавањето на тешки прашања се тест  дали можеме да и веруваме на ЕУ во целиот Балкан.  Нашата битка е битка и на Европа со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме преговорите со членство. Да ни е честит 9 мај, Денот на Европа, порача вицепремиерот за евроинтеграции,Никола Димитров на прес конференцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир по повод Денот на Европа, 9 Мај. Според него за нас е луксуз да чекаме повеќе. 

Тој најави дека во понеделник ќе отпатува со Брисел со премиерот Зоран Заев и од средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен очекува да го чуе јасно ставот на ЕК.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека ЕК работи на тоа да се закаже меѓувладина конференција и со двете земји, но не се дојдени се уште до тој момент. Со тоа прашање треба, рече тој, да се занимава Европскиот совет на Унијата. Генерално тој сепак порача дека е време да се оди напред, т.е. да се има напредок во процесот.

-Позицијата на ЕК е апсолутно јасна. Комисијата сака да види одржување на меѓувладината конференција, односно почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија што е можно побрзо. Процесот е заснован на заслуги а двете земји имаат направено многу во однос на тој процес. Време е да се оди напред, т.е. да се направи напредок, рече Гир. Тој додаде дека тие ги охрабруваат двете страни да најдат заеднички прифатливо решение.