Голема куќа во Козле и пеколен крај – има ли вистина во приказните за Христијан Мицкоски


 

Изградбата на куќи стана лајтмотив на македонската политика. Или барем тврдењата дека во тоа има многу незаконски работи.

Прво беа наводите на ВМРО-ДПМНЕ за куќата што ја изградил лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во елитната скопска населба Тафталиџе, за сега да излезат слични такви наводи за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Порталот „Индекс“ тврди дека во другата елитна населба во Скопје, Козле, Мицкоски, наводно купил земјиште, куќа и барака, потоа ги урнал и изградил две куќи. Тие тврдења претходни беа изнесени во „Инфомакс“. Порталот „Индекс“ тврди дека има увид во имотните листови, но дека тие не биле на името на Мицкоски, туку дека во Катастарот биле заведени на името на неговиот зет за сестра, Жани Митревски.

Наводно сиот тој имот вредел еден милион евра, затоа што и комуналиите за Козле се едни од највисоките поради атрактивноста на просторот. Христијан Мицкоски има семејна куќа во населбата Влае.

Мицкоски реагираше промптно преку Фејсбук и бидејќи денеска е Прочка рече дека им простувал на тие што ги објавиле наводите, но имале рок од 24 часа да се извинат за „лагите“, а ако не го стореле тоа ќе ги дадел на суд.

„ДУИ нареди, а СДСМ исполни. Кога не можат поинаку, одлучија со брутални невистини повторно да ја нападнат мојата чест, честа на моето семејство, но и честа на семејството на мојата сестра. Семејниот дом на семејството на мојот зет, сестра и внука, создаден со продаден имот добиен како наследство и подигнат банкарски кредит да го претстават како мој скриен имот. Ниту сум купил, ниту поседувам скриен имот“, вели тој.

Притоа ги повика УЈП, МВР и Обвинителството да го проверат сиот негов имот. И ако имало нешто незаконско да го приведат. „Затоа што набргу од денес крајот на криминалците во политиката ќе биде пеколен, јас ви ветувам“, завршува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.