Голем пожар во зграда во Чаир, евакуирани 100 луѓе, повреден пожарникар


Илустрација

Голем пожар утрово избувнал во зграда во скопската населба Чаир. Според информациите на ЦУК, еден пожарникар бил однесен на Токсикологија поради големо количество вдишан чад.

Од Центарот за управување со кризи пренесуваат дека според информациите на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје во периодот од 01:50 часот гаснеле запален магацин на неутврдена површина на улица „Прохор Пчински“ во Скопје. 

– Интервенцијата ја извршувале со седум возила и 20 пожарникари. На лице место освен единици од БППЗ кои го гасат пожарот биле и полиција и Итна медицинска помош. Според утринскиот службен извештај од БППЗ, еден пожарникар бил однесен на токсикологија поради големо количество вдишан чад (Општина Чаир), стои во соопштението од ЦУК.

Дополнуваат дека во тек е интервенција за евакуација на станарите на зградата каде што е магацинот, а каде што потоа гореле и дуќани. 

– БППЗ на Град Скопје сѐ уште интервенира ги извлекува станарите, во моментот на информирањево, и по интервенцијата ќе излезе со официјални податоци, дополнуваат од ЦУК.