Гола, златна статуа на Трамп пристигна во Стразбур


Стразбур, ФРАНЦИЈА – Статуа висока 2,5 метри, која го прикажува голиот Доналд Трамп прекриен со злато како седи врз грбот на многу помал човек, беше откриена во Европскиот парламент во вторникот.

Скулптурата, насловена „Портокалова чума“ или „Кралот на неправдата“, е дело на данскиот уметник Јенс Галсхиот, кој е познат по тоа што теми како кршењето на човековите права и климатските промени ги претвора во огромни уметнички дела, намерно дизајнирани да предизвикаат контроверзии.

Некои пратеници и вработени во парламентот застануваа за да ја разгледаат, други фотографираа или ги повикуваа колегите да ја видат. Некои само поминуваа покрај неа, но по неколку секунди се свртуваа назад.

„Навистина е силна порака да се постави гол претседател, прекриен со злато, во центарот на Парламентот“, изјави Галсхиот за „Rapporteur“ пред самото откривање.

Има многу детали за разгледување. Трамп во едната рака држи вага на правдата, а во другата палка за голф. Мала планета Земја лежи пред неговите нозе како топче за голф. Под него, слабичoк човек се мачи под неговата тежина.

Домаќин на изложбата е Пер Клаусен, дански пратеник во Европскиот парламент и член на групата на Левицата.

„Свесен сум дека некои сметаат оти не треба да се провоцира Трамп, а со тоа и дека не треба да се изложува ваква скулптура“, рече тој. За нив, тој има две пораки: „Прво, не можеме да прифатиме да живееме во страв и автоцензура. Второ, ако некој е толку пречувствителен што не може да поднесе оваа скулптура да биде изложена во Европскиот парламент, тогаш тој не припаѓа на светската сцена.“

А, што ако некој побара таа да се отстрани? Уметникот веќе има план Б.

„Ќе ја ставиме на скутер и ќе ја возиме низ Стразбур.“

Самата скулптура е изработена од бакар и обложена со 23-каратен златен лист. Инспирацијата потекнува од приказната „Новата облека на царот“ од Ханс Кристијан Андерсен – приказна за суетен цар на кого му велат дека носи величествена облека, додека всушност е гол.

Галсхиот го опишува Трамп како своја верзија на голиот цар од приказната на Андерсен: опкружен со моќ и богатство, но разоткриен штом луѓето ќе престанат да ја играат таа игра. Уметникот претходно ја имаше изложено скулптурата на самитот за клима COP30 во Бразил и на Минхенската безбедносна конференција.

„Обично, кога луѓето ја гледаат статуата, се смеат“, рече тој. „Најдоброто нешто што можете да го направите со еден диктатор е да ги натерате луѓето да му се смеат. Ако луѓето ви се смеат, не знаете што да правите. Тоа ја уништува вашата моќ.“

Но, според него, статуата не се однесува само на Трамп, туку и на луѓето што гласале за него.
Џиновскиот Трамп ќе биде придружуван од 10.000 минијатурни верзии испечатени со 3Д-технологија, кои Галсхиот ги донесе во Стразбур и планира да ги подели.

„Навистина значи многу луѓето физички да ја поседуваат скулптурата. Да ја користат и да зборуваат за неа“, рече тој.

Ова е нешто што Галсхиот го научил од своето најпознато дело, „Столбот на срамот“. Станува збор за осумметарска скулптура посветена на жртвите од задушувањето на протестите на плоштадот Тјенанмен во Кина во 1989 година, првично поставена во Хонгконг во 1997 година.

„Кога големата скулптура беше отстранета, движењето за демократија веќе ја имаше скенирано и се појавија стотици мали верзии“, рече Галсхиот. „Оттогаш, тие се раширија низ целиот свет.“

Клаусен изјави дека минијатурна верзија на скулптурата ја краси канцеларијата на партијата „Левица“ и додаде дека истото „сигурно ќе важи и за многу други канцеларии во Парламентот по денешниот ден“.

На прашањето дали Трамп ја видел статуата, Галсхиот рече: „Мислам дека ја видел, бидејќи беше на насловната страница на ’Њујорк пост‘, што е весникот на Трамп. Сосема сум сигурен дека знае за неа. Но, не реагираше.“

„Да стоеше овде, можеби ќе му речев: ’Гледате дека ви оддавме чест. Ве поставивме таму како портрет. А знаеме дека сакате злато, па и тоа го додадовме.‘“

Рускиот претседател Владимир Путин пак помина полошо. Во Прага најдоа совршена намена за Путин – печатење на неговиот лик на кесички за собирање кучешки измет.

Идејата потекнува од чешкиот дизајнер и хуморист Томаш Бржимек. Дел од приходите од кесичките се наменети за поддршка на Украина преку иницијативата „Дарек про Путина“ (Dárek pro Putina) – „Подарок за Путин“. (Репортер, Nexta)