ГоГрин и О2: ДУИ, ЛДП, ВМРО-ДПМНЕ и МЖСПП предлагаат измени на законите за отпад со кои им погодуваат на загадувачите


Загаден Вардар (Фото: Б. Грданоски)

Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „ГоГрин“ и Коалицијата О2 укажува дека со четири предлог-измени во законите за постапување со отпад, им се олеснува работата на загадувачите и место час поскоро да се преземат обврските кои произлегуваат од законите, некои се одложуваат дури до 2042 година.

Така, на предлог на ДУИ, се бара одложување на собирањето на електричен отпад до 2042 година; на предлог на ЛДП се монополизира пазарот на проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад; Министерството за животна средина предвидува 50 отсто намалување на надоместокот за управување со отпадни масла,  а предлогот на ВМРО-ДПМНЕ предвидува уште едно одложување на носењето на Правилникот за тарифи за отпад и плаќањето на тарифата за отпад.

Затоа од „ГоГрин“ и О2 велат дека „до Ссобранието со скратена постапка се доставени 4 предлог-измени во законите за отпад и тоа:

  • Предлог на закон за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема

[Иницијатива на ДУИ] Со овие измени се предвидуваат поместувања на роковите за собирање на овој тип на отпад од 2028 на 2042 год. за 65% од пуштената опрема на пазар, намалување на плаќање на надоместокот за управување со отпадната опрема за 50% и дополнителни 30%, односно 10% зависно од категоријата на производот. 

Со ова сметаме дека нема да се овозможи адекватно управување со овој отпад од страна на колективните постапувачи и ќе се пролонгира за скоро 15 години соодветното собирање на овој отпад.

  • Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад

[Иницијатива на ЛДП] Со дел од предлог измените ќе се создаде монополизирање на пазарот, појава на нелојална конкуренција и ставање во тешка позиција на помалите колективни постапувачи. Можно е да се предизвика цепкањe на пазарот и појава на нестабилни (фантом) правни субјекти кои не се одржливи, кои ќе егзистираат неколку години и ќе го нарушат пазарот и предизвикаат нелојална конкуренција и ќе го отежнат процесот на имплементација на воспоставување на одржлив интегрален и стабилен систем на управување со посебни текови на отпад.

  • Предлог на закон за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад

[Иницијатива на МЖСПП] На барање на компаниите кои пуштаат масла на пазарот и со измената се намалува надоместокот за управување со отпадните масла за 50%. Предложената промена на надоместокот (намалување за 50%), значи многу помалку средства за поставување на системот, кој има голем ризик да не биде функционален и да не се исполнат целите. Тоа значи дека ќе продолжи отпадното масло да се отстранува неправилно, неорганизирано, да се користи за греење, горење односно нема да се намали значително негативното влијание врз животната средина.

  • Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот

[Иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ] Се предвидува поместување на роковите за 3 години за носење на Правилникот за тарифи за отпад и плаќањето на тарифата за отпад и за 3.5-4 години за усогласување на други закони во врска со надлежностите на Регулаторна комисија. Роковите беа пробиени одамна и редно е да се донесе и Правилникот и усогласувањата без одлагање“.

Тие укажуваат дека проблемот со овие предлог-измени е што моменталната законска регулатива, донесена во септември 2021 година (која е усогласена со законодавството на ЕУ во областа на управувањето со отпад) беше поздравена како успшена и реална. Притисокот е сега, бидејќи после 3 години дојде време за имплементација на одредени членови на законите кои на одредени страни не им одговара. Проблемот лежи во тоа што овие измени не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите.

Бараат од поднесителите на предлог-измените да ги повлечат своите предлози час поскоро, а сите измени да бидат консултитрани и со граѓанскиот сектор. Процедури кои набрзина и кои по скратена постапка се носат, без транспарентен процес и јавна консултација како што и налага Архуската конвенција, значи само прекршување на основните демократски начела и дополнително загрозување на животната средина, а со тоа и квалитетот на живот за македонските граѓани.