Годишно по 250 заболени од рак во Преспанскиот регион


Во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, поддржана од Европската унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“, во Ресен се одржа панел дискусија на тема „Здрав средина, здрав живот“.

Според Благоја Китановски, директор на Болницата за респираторни заболувања во Отешево, во Преспа има загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином.

-Има благо зголемување на бројот на заболени од карцином, иако бројката на новозаболени од овој регион не го надминува просекот на ниво на државата. Ние имаме годишно 250 новозаболени од карцином. Таа бројка беше поголема во претходната година оти за време на ковид-кризата не се правеше дијагностика. За надминување на оваа состојба ние правиме редовни скрининзи за рак на дојка и колоректален карцином кои се малигни заболувања карактеристични за овој регион, посочи директорот Китановски.

Билјана Стојаноска, претставничка на аптекарите во Преспа информираше за зголемата продажба на лекови за карцином, тироидна жлезда, стерилитет, алергии и други која е значително зголемена, додека пак д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје потврди дека ќе се врши редовен мониторниг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.

-Наша должност и обврска е откога ќе ги добиеме потребните анализи, врз основа на годишните извештаи и епидемиолошки испитувања да дадеме препораки кои обврска има да ги спроведе локалната самоуправа. Тоа редовно го правиме, а така и ќе продолжиме. Останува граѓаните да ги почитуваат, истакна Здравески.

На панелот во Ресен, д-р Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод – Охрид, посочи дека Преспанско Езеро забрзано старее во споредба со останатите природни езера, што се гледа преку прекумерно цветање на алгите во езерото, процес за кој во голема мера придонесува прекумерната употреба на пестициди кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото.

-Промените кои ги предизвикуваат се зголемена продукција на фитопланктон, цветање на алгите. Сериозно е тоа што многу често има токсични алги кои го загрозуваат животот во езерото, но понатаму и на луѓето преку исхраната со риба, посочи директорката Тасевска.

Со панел дискусијата во Ресен беше одбележан Меѓународниот ден за животна средина и здравје.