Годишната инфлација во Грција зголемена на 5,4 отсто
Во април годишната инфлација во Грција се зголемила на 5,4 отсто, наспроти 3,9 проценти еден месец претходно, покажуваат официјалните податоци од грчката Служба за статистика, а најголемо е зголемувањето на цените на горивата, јави дописничката на МИА од Атина.
Од споредбата на општиот индекс на потрошувачки цени за април 2026 година со истиот индекс од април 2025 година произлегува зголемување од 5,4 отсто, наспроти зголемувањето од два проценти што беше забележано при истата споредба на 2025 со 2024 година.
Ова зголемување, како што соопштија од Службата за статистика, се должи на зголемувањето на индексите во низа области, а првите три се: трошоците за домување (за 13,8 отсто); транспортот (за 10 отсто) и трошоците за хотели, кафулиња и ресторани.
Официјалните податоци покажуваат дека за една година, најголемо зголемување на цените (за 53,2 отсто) има кај нафтата за греење, потоа се други видови горива (за 42,4 проценти), дизел горивото (за 32,4 проценти) и бензинот (17,1 отсто).
Природниот гас е за 19,3 отсто поскап во споредба со лани, струјата за 14 проценти, а зголемени за 18,6 орсто се и трошоците за патување со авион.
Кај прехранбените продукти, најголемо зголемување има кај говедското месо (за 19,2 отсто), а потоа, со пораст од над десет проценти, следат јагнешкото месо, маргаринот и другите растителни масти.
Единствено намалување на цените од април лани до истиот месец година има кај маслиновото масло (за 17,9 отсто).