Го послушав срцето: Поп-пејачката Кристина Арнаудова продолжува со хуманитарната мисија

Музиката – дали е поп, рок, џез или класика, сосема неважно, е дел од мене и секогаш ќе биде. Но човек мора да си постави приоритети, а во Македонија музиката како приоритет одамна не може да биде единствена и сериозна професија било кому, вели Арнаудова за „Независен“
„Проект среќа“ на поп-пејачката, автор и хуманитарец Крстина Арнаудова продолжи со хуманитарна акција „Среќна школска година“ промовирана неделава и во соработка со ресторанот „Four “ ќе израдува со школска опрема деца со социјален ризик. Арнаудова и сега повеќе се гледа во филантропијата и во хуманитарната работа отколку во поп-музиката. Што ја прави среќна, и зошто бизнис-секторот не ги сфаќа сериозно општествено одговорните проекти- открива во разговорот за „Независен“.
Дали филантропијата и хуманитарната работа сеуште ви се на прво место во однос на поп-музиката?
-Хуманитарната работа ја започнав како мое хоби, активизам, пасија, а сега е веќе професија, која ми е приоритет во последниве 6 години. Човек треба да си го слуша срцето, и да го прави тоа што срцето му кажува. Јас си го послушав. Музиката, дали е поп, рок, џез или класика, сосема неважно, е дел од мене и секогаш ќе биде. Но човек мора да си постави приоритети, а во Македонија музиката како приоритет одамна не може да биде единствена и сериозна професија било кому. Исто така сметам дека мојата хуманитарна работа е општествено многу покорисна отколку мојата музика….
На кои целни групи сега Проект среќа се фокусира?
-Проект Среќа е здружение за деца со помалку можности и тоа отсекогаш бил фокусот. Сите наши проекти се однесуваат на создавање на поквалитетен живот и можности за децата со помалку можности и нивните семејства, со акцент на едукацијата и културата.
На колку луѓе досега им имате помогнато?
-Не можам да ја знам бројката. Имаме регистрирано над 1200 деца од цела земја,а бројот на семејства или деца на кои секојдневно на некаков начин им се помага е огромен. Над 5000 годишно сигурно. Имаме точни податоци и статистики кои ги објавубаме секоја година ама јас не сум добра со бројки. А и не се важни.
Како ги наоѓате семејствата на кои им треба помош?
-Како што веќе кажав ние сме здружение со свој регистар на корисници. Исто така секојдневно се пријавуваат нови семејства деца, корисници…. Некои од нив низ годините ни станале и пријатели, а децата се наше семејство….
Започнавте да го снимате и „Проект куќа со Кристина“, со цел социјално загрозените семејства да добијат комплетно реновиран дом. Бевте дел и од „Шарено лето – летен камп за деца во социјален ризик“, и ,, Здраво шампиони“, проект за набавка на спортска опрема и спортски членарини за сите деца во социјален ризик од Македонија кои сакаат да спортуваат, а немаат услови за тоа. Дали кога ќе завршат вашите проекти, проверувате што се случува со нив?
-Ќе пробам да одговорам. За секој проект се работи извештај на крајот на проектот, а и во текот на работата. На секој донатор, соработник му се испраќа извештај како и детални сметки, договори, и сл како би се задржала една од нештата на кои најмногу посветувам внимание, а тоа е транспарентноста. Затоа и луѓето и компаниите сакаат да соработуваат со нас. Оној кој еднаш сораборувал со Проект Среќа знае како работиме. Во нашето здружение најчесто се донираат нешта, а не пари. Ние не сме од оние кои редовно добиваат грантови, во стотици илјади евра…. Волонтерски и без ниеден денар од никого- работиме на многу проекти, и со тоа сакаме да ја покажеме вистински грижата за општеството. Иако и јас би сакала да добиеме понекогаш и ние некој грант, државата да не поддржи, ама ете, надежта последна умира.
Дали нашиот бизнис сектор е расположен за вакви хуманитарни акции?
-Па ретко, и не доволно. Особено што повеќето и не знаат да работат на општествено одговорни проекти и тоа не го сфаќаат сериозно.
Но има напредок, ние имаме неколку прекрасни компании – пријатели кои со години практикуваат и работат внатре во своите компании на општестената одговорност. Но јас сакам суштина, а кога ќе видам објави за најголемите компании кои донираат за да бидат објавени, а не затоа што така треба, односно формална и популистичка филантропија, ми се превртува стомакот.
На пример, ако си најголема компанија, не треба да те моли здружението да донираш школски прибор за деца, туку тоа самиот треба да го имаш во агендата.
Што е за вас среќа, и каде се гледате во иднина?
– Среќа е секој нов ден, моите деца и можноста да носам среќа.
Л. Сабит