Го достигна ли инфлацијата врвот?

Смирувањето на инфлацијата кон крајот на минатата година кај нас, но и во глобални рамки, го зголеми оптимизмот дека најлошото помина. Но, дали е навистина така?


Го достигна ли инфлацијата врвот или податоците за последните два месеци од минатата година се само затишје пред бурата која што нѐ очекува годинава?

Многумина здивнаа кога Државниот завод за статистика деновиве ги објави податоците за порастот на трошоците на живот за 2022 година, преку кои кај нас се мери стапката на инфлација. Конечниот резултат не е за фалење – инфлацијата лани достигна 14,2 отсто што е незабележано уште од годините на осамостојувањето и е за три процентни поени повеќе од очекувањата на Владата, но и значително подолу од застрашувачките дваесетина отсто на врвот, само месец – два претходно.

Ако се земе и податокот дека трошоците за живот во декември лани во однос на декември 2021 година беа за 18,7 отсто повисоки, тоа несомнено покажува дека алармот треба да биде вклучен.

Сепак, доза на оптимизам влеаја податоците за месечниот износ на инфлацијата – таа во декември во однос на ноември лани беше помала за скромни 0,2 отсто, откако претходниот месец (во ноември) конечно дојде до смирување на инфлацискиот бран кој ја заплисна македонската економија уште од почетокот на годината со месечен пораст од еден до речиси три отсто.

До ваквиот резултат не се дојде лесно. Владата донесе серија мерки, како ограничување на маржите во трговијата, но и вклучување на малите потрошувачи во режимот на регулирана (субвенционирана) цена на електричната енергија, со цел да ги намали производните трошоци и да ги заузди цените.

Иако резултатот не беше како што се очекуваше, сепак, ефектот е видлив. Цените можеби ќе се намалеа и повеќе доколку производителите и трговците беа похрабри. Но, тие, откако нивните повици и предупредувања дека ќе пропаднат вродија со мерки од страна на Владата, која во најголем дел ги исполни нивните барања, и кога сите очекуваа дека ќе вратат со иста мера, од нивна страна дојде до серија изговори од типот „не било с\ во цената на енергентите, туку врз крајната цена влијаеле и цените на суровините“.

За среќа, колку-толку смирувачко влијание имаа цените на зелените пазари. Иако пред новогодишните празници значително се зголемува побарувачката, сепак, на пазаритe не дојде до експлозија на цените. Напротив. Така, на пример, мандарините „клементина“ се продаваа по цена од 50 денари за килограм, исто толку и портокалите, нешто поскапи беа бананите, краставици можеа да се најдат и по цена од 80 денари за килограм, додека доматите за стотина денари.

Сосема е друга приказната со цените на другите прехранбени производи во маркетите, како сирењата, кашкавалите, месото…

Тоа го покажуваат и податоците на Државната статистика – храната и безалкохолните пијалаци се на врвот на поскапувањата лани со 20,9 отсто на годишно ниво, или 27,1 отсто во декември лани, во споредба со истиот месец една година претходно. Висока стапка на поскапувања има и кај рестораните и хотелите (15,5 отсто на годишно ниво и 20,9 отсто декември – декември), кај домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива (13,3 отсто на годишно ниво, и 20,4 отсто декември/декември)

Подеталните податоци покажуваат дека, на пример, кај храната, најмногу се зголемиле трошоците за лебот и житата за дури 30,8 отсто на годишно ниво, а во декември во споредба со истиот месец една година претходно, биле повисоки за фантастични 40,1 отсто. Млекото, сирењето и јајцата на годишно ниво скокнале за 22,4 отсто, а во декември биле повисоки за 36,4 отсто од истиот месец една година претходно. Високи проценти има и кај маслата и мастите, кај месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, потоа кај кафето, чајот, какаото…

Фото: Б. Грданоски

Сите овие производи се во самиот врв на поскапувања и со значајно влијание врз порастот на трошоците на живот.

Зошто се толку отпорни на поевтинувања овие производи?

Од Владата велат дека нивните мерки даваат резултати и дека цените на основните прехранбени производи се намалени до 10 проценти. Премиерот Ковачевски, запрашан за инфлацијата на прес-конференција рече дека кај месните производи имало намалување од пет до 12 проценти, а доколку се погледнат месечните стапки на инфлацијата можело да се забележи дека два месеци по ред таа се намалува, како и дека според инфлацијата, нашата земја не е исклучок во Европа и дека и многу други земји имале слична стапка.

Инфлацијата е голема главоболка и за Народната банка, која во текот на минатата година одговори со серија зголемувања на референтната каматна стапка, што влијаеше врз намалување на притисокот на страна на побарувачката, правејќи ја цената на задолжувањето поскапа.

Не се исклучува и натамошно зголемување на референтната каматна стапка, што ќе зависи од движењето на цените во наредниот период.

Гувернерката на НБ, Анита Ангеловска-Бежоска, деновиве на панел дискусија на „Еуромани“, во Виена, Австрија, посочи дека е неопходно инфлацијата да се врати на одржлив пат и со тоа да се зачува куповната моќ на населението и да се поддржат инвестициите преку намалување на неизвесноста, како и дека централните банки мора да останат доследни на својата задача и да обезбедат среднорочна ценовна стабилност, а со тоа и макроекономска стабилност.

Смирувањето на инфлацијата и во глобални рамки го зголеми оптимизмот дека најлошото помина, што се гледа и по реакцијата на инвеститорите на берзите во САД и во Европа.

Сепак, не се сите оптимисти. Еден од водечките економисти во светот, Нуриел Рубини, познат по своите црни сценарија, во колумна за „Проект синдикејт“ вели дека структурните трендови упатуваат на заклучок дека ова нема да биде привремен, туку долгорочен феномен.

Според него, повеќе земји се вклучени во различни војни – реални или метафорични – кои ќе произведат уште поголеми фискални дефицити и ќе доведат до понатамошна монетизација на долгот и повисоки стапки на инфлација во иднина.

Тој во колумната зборува за пет видови војни кои што се водат во светот, вистински и метафорчки (покрај реалната актуелна војна, тука се и студените војни кои што се шират низ светот и резултираат со огромни трошоци за наоружување, потоа глобалната војна против климатските промени која што исто така е многу скапа и се проценува на илјадници милијарди долари, потоа скапата војна против идните пандемии, војната против таканаречената „глоботика“, комбинација на глобализација и роботизација (вклучувајќи ја и вештачката интелигенција и автоматизацијата која се заканува со затворање многу работни места и со високи трошоци, како и војната против имотната и доходната нееднаквост.

Водењето на овие пет војни е многу скапо, а економските и политичките фактори ја ограничуваат можноста за финансирање на трошоците преку зголемување на даноците, вели Рубини, заклучувајќи дека идејата за големо контролирано забавување е мртва и дека се соочуваме со голема стагфлациска должничка криза.

Не се сите сценарија толку црни.

На посочената конференција на „Еуромани“, гувернерите на централните банки од земјите во регионот, но и анкети од водечките европски финансиски институции велат дека во глобални рамки, по високиот раст на инфлацијата минатата година, оваа година ќе дојде до нејзино постепено забавување. Односно, глобалната инфлација од околу 10 отсто, ќе забави на околу 7 отсто. Во регионот на ЦЈЕ исто така се предвидува забавување на инфлацијата со што би се свела на околу 8 отсто, слично и на проекциите за инфлацијата кај нас.

Многу фактори ќе влијаат кое од овие варијанти ќе се оствари на глобално ниво, што ќе има влијание и врз домашната инфлација. Но, исто така, врз инфлацијата кај нас ќе влијаат и типично нашите „зачини“ – од финансиската (не)дисциплина, па сѐ до скратување на можностите за шпекулативни покачувања, мотивирани од желбата да се спечали во матно.

На крајот, повеќе како куриозитет, еве што вели вештачката интелигенција за инфлацијата.

Ѝ поставивме прашање на Чет Џи-Пи-Ти, прочуената алатка на Опен АИ, која изминатиот месец предизвика воодушевување во светот и која има одговори за смислата на животот и слични филозофски теми, но исто така и буди загриженост дали ќе се користи етички, за што веќе пишуваше „Независен“.

На Чет Џи-Пи- Ти, прво го поставивме прашањето како може да се реши проблемот со инфлацијата.

Алатката прво малку се мислеше, и по околу пет-шест секунди одговори:

„Постојат неколку начини за справување со инфлацијата, од кои некои вклучуваат:

Монетарна политика: Централните банки можат да користат алатки како што се приспособување на каматните стапки и операции на отворен пазар за да ја контролираат понудата на пари и да ја зауздаат инфлацијата.

Фискална политика: Владите можат да користат даночни и расходни политики за да управуваат со побарувачката и да го намалат инфлаторниот притисок.

Контрола на цените: Владите можат да постават контроли на цените на одредени стоки и услуги за да спречат инфлацијата да стане превисока во одредени области.

Политики на страната на понудата: Владите можат да спроведат политики за зголемување на продуктивноста и понудата со цел да ги одржат цените стабилни.

Важно е да се напомене дека економијата на секоја земја е единствена и решението кое најдобро функционира за една земја може да не биде ефективно во друга. Дополнително, постојат компромиси што треба да се разгледаат со секое решение бидејќи некои може да имаат негативни ефекти врз економијата“.

Потоа, прашавме дали знае каква е состојбата со инфлацијата во Македонија и зошто е толку висока, на што добивме по малку збунувачки одговор, особено околу периодот на висока инфлација кај нас, што не соодветствува со фактите. Но, еве го одговорот:

„Немам пристап до најновите податоци за инфлацијата во Северна Македонија, меѓутоа, според моето сознание во 2021 година, земјата веќе неколку години се соочува со висока инфлација. Високата инфлација може да биде предизвикана од различни фактори, вклучувајќи:

Инфлација предизвикана од побарувачката: кога економијата рапидно расте и побарувачката за стоки и услуги ја надминува понудата, цените може да се зголемат.

Инфлација поттикната од цените: Кога трошоците за производство се зголемуваат, компаниите може да ги зголемат цените за да ги задржат своите профитни маржи.

Увозни цени: Северна Македонија е мала и отворена економија, а цените на увезените стоки може да имаат големо влијание врз вкупната инфлација.

Владини политики: Владините политики како што се фискалната и монетарната политика, исто така, можат да влијаат на инфлацијата.

Фактори на понудата: како што се ниска продуктивност, недостаток на конкуренција, ниски инвестиции итн.

Исто така, важно е да се напомене дека Северна Македонија има долга историја на висока инфлација, а земјата се бори со висока инфлација со децении, што можеби е наследство од минатото. Потребна е конкретна анализа на економијата на земјата за да се разбере моменталната состојба и причините зад неа“, одговори Чет Џи-Пи-Ти.

Очигледно, инфлацијата е предизвик дури и за вештачката интелигенција која нема инстант решение за проблемот. Тоа, сепак, ќе треба да го побараат луѓето, пред сѐ оние кои што се носители на политиките, и тоа не само економските, туку и на политичките кои секако влијаат и врз состојбите во економијата.