Глобална акција: Ќе се оданочуваат ли 3.000 милијардери?


Шпанскиот министер за економија Карлос Куерпо ги повика најбогатите земји во светот да бидат „храбри“ и да ги удвојат напорите за постигнување договор за глобално минимално оданочување на 3.000 милијардери.

Тој рече дека неодамнешните избори покажале оти граѓаните бараат „прераспределба на богатството“, пренесуваат медиумите.

Говорејќи за време на посетата на Лондон пред денешниот состанок на лидерите на Г-20 во Рио де Жанеиро, Куерпо рече дека планот добил политичка динамика од летото, кога министрите за финансии се согласија да работат заедно за да „обезбедат ефективно оданочување на ултра богатите поединци“, пренесува лондонски „Гардијан“.

Бразил, кој ги поддржува предлозите за собирање околу 250 милијарди долари годишно од милијардерите ширум светот со тоа што ќе се осигури дека ќе бидат оданочени најмалку два отсто од богатството што го поседуваат, се очекува да побара официјални разговори за глобалните даноци на богатство кога ќе биде домаќин на следниот самит на ОН за климатски промени (COP).

Франција, Германија и Јужна Африка ја изразија својата поддршка за овој предлог, велејќи дека парите се потребни за да им се помогне на земјите кои се загрозени од климатските промени и да се поттикне т.н. зелени инвестиции.