Глигоријевски: Советот во Куманово мора да биде сервис на граѓаните, а не арена за партиски битки

Носителот на листата за советници, во Советот на Општина Куманово од коалицијата „Искуство за успех“, Тома Глигоријевски, ја претстави својата визија за работата во Советот, ставовите за соработката со колегите и искуството кое го издвојува од останатите кандидати. Во негов фокус е чистотата на градот, ефикасна администрација и поставување на струќњаци пред партиските и личните интереси…
1. Која е вашата главна визија за работата во Советот и кои проблеми во вашата општина ги сметате за најитни?
Мојата визија е Советот конечно да стане вистински сервис на граѓаните, а не алатка на „големите партии“ кои сакаат преку него да се занимаваат со висока политика. Советот треба да биде институција која решава реални, секојдневни проблеми на граѓаните. Според мене, најитни прашања за решавање се одржувањето на хигиената во градот и создавање на поефикасна, професионална администрација. Неопходно е да ставиме крај на партиските вработувања кои ионака ја преоптоваруваат општината и да создадеме систем во кој секој ќе биде одговорен за својата работа. Само така можеме да изградиме чиста, уредна и функционална општина.
2. Советот е колективно тело – како гледате на соработката со колегите од различни партии и со градоначалникот?
Советот не треба да биде место за политички конфликти, туку за конструктивна дебата и заедничка работа. Без разлика на тоа кој од која партија доаѓа, секоја добра идеја што е во интерес на граѓаните треба да биде прифатена и поддржана. Соработката со градоначалникот треба да се заснова на взаемно почитување и институционална одговорност. Мора да обрнеме внимание на тоа што го зборуваат стручните лица и да ги ставиме приоритетите на граѓаните пред партиските и лични интереси. Нашата задача е да решаваме локални проблеми: чистота, одржување на инфраструктура, општински услуги, зеленило… сè она што ќе го подобри секојдневието на луѓето.
3. Што ве издвојува од останатите кандидати за советници?
Моја предност е долгогодишното професионално и политичко искуство. Во ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово работев како инженер технолог-металург, управник на погон, директор на производен погон и директор на сектор за управување со квалитет. Во ЕСМ бев заменик генерален директор, каде што стекнав искуство во водење на големи системи и тимови.
Политички, член сум на Либерално-демократската партија (ЛДП), бев член во повеќе управни одбори, имам искуство и како советник во Советот на Куманово и пратеник во Собранието на Република Македонија. Од таму научив дека вистинската политика е службата не кон партијата, туку кон државата и граѓаните.
Моја главна цел е Советот да работи транспарентно, отчетно и со целосна отвореност кон јавниот интерес. Во овој четиригодишен мандат сакам да покажеме дека може да се води чесна и одговорна политика, која наместо да создава проблеми, истите ги решава.