Глигорие Гоговски, последниот премиер на СРМ, почина на 79 години


Човекот чија влада (или како што тогаш се викаше Извршен совет) го подготви преминот од социјализам во плурално општество, Глигорие Гоговски, почина денеска на 79 години во Тетово. Гоговски беше последниот премиер на Социјалистичка Република Македонија од 1986 до 1991 година. 

Задачата на тој Извршен совет, кој беше составен од многу истакнати личности од општествениот и научниот живот, на почетокот кога беше формиран беше насочена кон заздравување на економијата, а кога на чело на југословенската влада застана Анте Марковиќ неговата работа се насочи кон трансформацијата на сопственоста што потоа го отвори патот кон плуралната демократија, за најпосле да заврши со распадот на СФРЈ и неколку крвави војни.

Од историска дистанца тој премин Извршниот совет на чие чело беше Гоговски го направи во голема мерка со што е можно помалку лузни.

Глигорие Гоговски на чело на владата дојде како што подоцна во политичката терминологија се усвои терминот – како технократ. Беше директор на текстилниот гигант од Тетово – „Тетекс“. Во тоа време „Тетекс“ беше текстилен бренд во самиот југословенски врв. Можеби искуството во ракводењето на толку голема компанија и невклученоста во внатрешните борби во партијата му помогнаа на Гоговски да го направи многу функционален Извршниот совет, а сите негови членови да ја почувствуваат историската одговорност за преминот од еден во друг политички систем. Нема сомнение дека историјата на позитивен начин ќе ја оцени улогата на Глигорие Гоговски и тогашниот Извршен совет.

И по извршената трансформација на комбинатот, Гоговски беше генерален директор на „Tетекс”, а подоцна и претседател на Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје.

Некогашниот текстилен гигант, со текот на времето и поради процесите на глобализацијата, полека се преоринтира во компанија чија приоритетна шифра на дејност, односно главна приходна шифра е –издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот
земен под закуп.

Визионерството во водењето на тековната и развојната економска стратегија на комбинатот „Тетекс” беше основниот двигател во сите процеси од основањето, најнапред, на Тетекс Банка АД Скопје, подоцна Тетекс – Кредитна банка АД Скопје, а потоа и ТТК Банка АД Скопје, а почнувајќи од амбицијата децениското егзистирање, традицијата и искуството да се обликуваат во нов, модерен начин на банкарство којшто ќе креира вредност и поддршка за граѓаните и домашните мали и средни бизниси. Како претседател на Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје беше активен учесник во креирањето на стратешките цели на денешната ТТК Банка АД Скопје којашто низ годините се покажа како стабилен, профитабилен и сигурен банкарски играч.

Глигорие Гоговски е роден во 1943 во Тетово, во 1968 дипломирал на Електро-машинскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Универзитетот во Загреб.