Гласен молк од партиите по укинувањето на одредбите во Изборниот законик

Иако се толкува како победа на независните здруженија и иницијативи, наспроти големите политички партии, укинувањето на спорните два члена од Изборниот законик од страна на Уставниот суд остави правна празнина – за која не е јасно дали ќе биде пополнета. На тоа укажуваат механизмите за примена што ги има Уставниот суд и кои се сведуваат на мониторирање и укажување, молкот од партиите во изминатите два дена и нивната здруженост и обединетост кога лани решиле да го прекршат Уставот, носејќи ги сега укинатите измени на Законикот, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост.
Два дена политички партии „гласно“ молчат за одлуката на Уставниот суд за укинување на двата члена од Изборниот законик (ИЗ) со кои на независните кандидати или здруженија на граѓани им се отежнуваше кандидирањето за претстојните локални избори. Засега ова доволно јасно зборува за нивниот став кон одлуката на Уставниот суд, кој во своето образложение кажа дека станува збор за ограничување на демократијата и уставното право на политички плурализам, како и нарушување на загарантираното активно и пасивно избирачко право. Но, со ваквата одлука на Уставниот суд се отвори и правна дупка во Изборниот законик за која не е баш најсигурно дека ќе се пополни до распишувањето на локалните избори. Зошто е ова вака и што може да направи самиот Уставен суд да се спроведе одлуката?
Здружено против независните
Само мало потсетување на проблемот ќе покаже дека големите политички партии и групации се едногласни кога станува збор за расчистување на теренот за политички натпревар и обезбедување ексклузивност само за нив. Укинатите два члена беа протнати во Собранието во март 2024 година заедно со повеќе други измени на ИЗ. Баш така, беа протнати, зашто ако се прочита документот и проценката за состојбата, како и за целите на измените, овие два члена никаде не се споменуваат во воведот.
Освен ова, предлогот беше поднесен од група пратеници – предлагачи Мартин Костовски, Никола Мицевски и Арбер Адеми (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) – односно здружено, а тоа го покажува и резултатот од гласањето. Биле присутни 87, а гласале за 85 пратеници од тогашниот состав на Собранието, што прецизно може да се види од белешката за деталите за гласањето. Суштината на двете измени е зголемена отежнувачка рестрикција за кандидирање, зашто наместо 1.000 потписи се бара 1 процент од избирачкото тело (види член 17 и 18).
Што може да направи Уставниот суд?
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски беше јасен дека одлуката е укинувачка, а не поништувачка, што значи дека се бришат само овие два члена од ИЗ, дека таа е обврзувачка и дека законодавецот треба под итно да ја пополни правната празнина што се создава во однос на кандидатурите од група избирачи:Бидејќи станува збор за укинувачка одлука, а не поништувачка, општопознато е дека ние не сме Законодавец, тоа значи дека со оваа одлука, претходното правно правило не’ оживува. Ние не сме Законодавец, ние може да отстраниме спорни норми. Ова значи дека Законодавецот во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина со нашата одлука, во спротивно со евентуално непостапување би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на слободите и правата на граѓаните и тешка повреда на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот поредок… Во овој момент нема правно правило во кои услови независните граѓани ќе учествуваат. Собранието е должно веднаш да пристапи во уредување на оваа состојба и притоа веднаш да ги земе предвид сите наши стојалишта – изјави Костадиновски.
Кога станува збор за механизмите што му стојат на располагање на Уставниот суд „да ги натера“ одговорните, т.е партиите во Собранието да ја пополнат правната празнина, тие се регулирани во Актот на Уставниот суд, кој на сила е од лани и кој, всушност, е замена на поранешниот Деловник којшто функционираше од 1992 година. Во главата која зборува за извршувањето на одлуките на Уставниот суд се наведува:
Член 85
(1) Обврската за извршување на одлуките на Уставниот суд започнува да тече од денот на нивното објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
(2) Одлуките на Уставниот суд се извршуваат без никакво одлагање.
Член 86
Уставниот суд по службена должност го следи извршувањето на своите одлуки и може од секого да побара податоци и информации во врска со преземените мерки со цел извршување на одлуката.
Но, во делот насловен како Обезбедување на извршувањето и во Утврдување неизвршување на одлука на Уставниот суд, се наведени само овие два члена:
Член 90
Уставниот суд, по потреба, ќе побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката.
Член 91
Врз основа нa претходно добиени податоци и известувања, Уставниот суд може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот.
Оттука, станува јасно дека Уставниот суд може само да побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето.
Политичка волја може да обезбеди само стравот?
Иако во држава со високо развиена свест за демократијата, констатациите на Уставниот суд за „тешка повреда на човековите слободи и права и тешка повреда на политичкиот плурализам“, би предизвикале најпрво жалење, а потоа и интерес за брза акција на главните политички партии во Собранието, засега констатацијата е гласен молк. Запрашани вчера (21.05.) од еден од медиумите, партијата на власт допрва ќе го анализира писменото образложение на Уставниот суд (што ќе биде готово дури другата недела), додека онаа во опозиција не ни дала одговор.
На нивните веб-страници нема никаква изјава, соопштение, реакција. Она што евентуално може да ги натера на, сепак, брз одговор, е можноста што за Вечер ја истакнал адвокатот и поранешен претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски:
„Aко не се договорат новите услови и критериуми, тогаш нема да постои обврската за собирање потписи и колку потписи конкретно. Тоа ќе значи дека секој граѓанин ќе може да се јави во улога на кандидат за градоначалник, доколку сака и со поднесување лична пријава“.