Ѓорѓиевски планира да го урбанизира Расадник


Урбанизација на Расадник и повеќе паркинг места ветува кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

– Наназад со години, почитувани, Кисела Вода го губи аспектот за квалитетно урбано живеење поради прекумерното градење на згради, кое постојано си го зема својот данок низ Кисела Вода, за да сега нашите сограѓани имаат сериозен проблем со паркинг местата за своите автомобили. Согласно проценките и потребите на вас граѓаните, ќе направиме нови 3.500 паркинг места кои ќе го решат проблемот со паркирањето на околу 2.500 домаќинства низ нашата општина. Според нашиот проект ќе направиме монтажни паркинзи, кои ќе ги интегрираме на локации каде е најпотребно сразмерно потребите на граѓаните, и со ова ќе почнеме да решаваме еден од клучните проблеми на сите наши сограѓани овде во Кисела Вода – рече Ѓорѓиевски.

Втор, крупен проект што планира да го спроведе Ѓорѓиевски е со меѓународен конкурс за идејно решение за урбанизација на Расадникот во Кисела Вода да спречат целосна бетонизација.

– За Расадник ќе биде спроведен меѓународен конкурс каде што ќе можат и од земјава, но и од странство да конкурираат со проектно идејно решение и најдоброто решение ќе биде прифатено и ќе се реализира со нормален број објекти и уште поголем број паркови и зеленило како што и доликува на една општина како нашата Кисела Вода – рече Ѓорѓиевски.