Ѓорѓиевски: Не може граѓаните последни да дознаваат што ќе се гради кај нив


Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), градоначалник на Кисела Вода

Генералниот урбанистички план на Град Скопје ќе се носи во крајно транспарентна постапка, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за иден градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, иако Град Скопје веќе ја има започнато постапка за изработка на новиот ГУП, ниеден од градоначалниците на скопските општини нема никаква информација во врска со тоа, ниту пак граѓаните, за нешто што треба да биде, како што вели, Устав на Град Скопје и за општините за наредните 10-15 години. .

-Не може граѓаните во одредено населено место последни да дознаваат што се планира во нивната населба. Тоа е апсурд од невидени размери и јас нема да дозволам во перспектива такво нешто. Урбанизмот ќе се креира хумано според потребите на граѓаните и граѓанинот секогаш ќе го има приматот во таа постапка. Што значи дека во однос на ГУП сите ќе бидат вклучени во постапката, постапката ќе биде јавна и транспарентна – нагласи Ѓорѓиевски одговарајчи на новинарски прашања по средбата претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Тој потсети дека како градоначалник покажал во пракса максимална транспарентност со ДУП за Расадник каде беа поништени стотина маркички за изградба на нови згради.

-Поништивме 99 маркички за градба и се спроведе меѓународен конкурс за идејно решение за првпат после земјотресот, во крајно транспарентна постапка во која учествуваа сите општествени чинители, освен јас и политиката во тој процес. Така ќе се носи и Генерален урбанистички план на град Скопје, во крајно транспарентна постапка – тврди актуелниот градоначалник на Кисела Вода.

Град Скопје заедно со останатите надлежни институции веќе неколку години наназад работи на подготовка на новиот Генерален план што треба да се однесува за периодот од 2022 до 2032 година. Во моментов, сите урбанистичкото планирање во глаvниот град се усогласува според стариот ГУП од 2012 до 2022 година.