Ѓорѓиевски најави културни проекти за Аквадуктот и Скупи

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција го претстави еден од седумте столбови на неговата изборна програма – „Скопје – град на слоеви, град на култура“.
„Скопје е град што има историја, карактер и душа. И секогаш културата била таа што го чувала неговиот дух. Затоа, денеска ви претставувам уште еден од седумте столбови врз кои се темели мојата програма. Тој е насловен ‘Скопје – град на слоеви, град на култура’. Време е културното наследство да престане да биде жртва на негрижа и да стане извор на гордост, енергија и нов живот“, рече Ѓорѓиевски.
Според неговите планови Аквадуктот ќе биде претворен културен парк – со сцени за концерти, настани и фестивали, со уредени зелени површини и пешачки патеки. Ќе биде изграден и најдолгиот ѕид за мурали во Југоисточна Европа, како симбол на современата уметност и младинската енергија.
Тој најави дека археолошкиот локалитет Скупи ќе биде повторно вратен на јавноста преку негово целосно отворање, уредување и интегрирање во културниот живот на градот. Ѓорѓиевски истакна дека Старата скопска чаршија, како едно од најзначајните културно-историски јадра на градот, ќе се уредува со почитување на сите обврски во однос на заштитата на културното наследство.
Најави дека ќе ја унапреди работата на МКЦ, кое е белег на културното и урбаното живеење во Скопје, како и на Музејот на град Скопје, Културно-информативниот центар, како и сите сите културни институции кои се под надлежност на Градот. Посочи дека Киното „Милениум“ ќе биде целосно реконструирано и повторно ставено во функција како мултифункционален културен објект.