Ѓорѓиевски најави две нови траси за проектот за јавен превоз БРТ


Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека во проектот БРТ (бас рапид транзит) недостигале две клучни траси.

„Поврзување према Драчево и према Радишани. Го доработуваме тоа и тоа ќе биде ставено во функција на проектот. За тој проект се обезбедени средства кои се на наменска сметка во Градот Скопје. Сите ние повеќе од 4 години плаќаме камати за тоа, имаме две опција – да ги вратиме парите и да престанеме да плаќаме за ништо, а втората опција е да влеземе во коштец со проблемот, да се доработи проектот“, вели Ѓорѓиевски.

Тој најави дека прво што ќе направи како градоначалник е да го нормализира функционирањето на јавниот сообраќаен транспорт.

„Тоа подразбира да нема доцнење, да има редовни автобуси и со поддршка на Владата очекуваме на почеток на наредна година да добиеме 80 автобуси. Но, истовремето тоа нема да биде единствениот мој чекор. Ќе работам на тоа да создадам во ЈСП систем кој што ќе биде функционален“, вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека флотата на автобуси ќе се обновува навремено.

„Нема да можеме да купиме нови 200 автобуси, но во тој систем постојано ќе има набавка на годишно ниво“, додаде Ѓорѓиевски.