Ѓорѓиевски му понуди шеќер и вода на Симоновски од СДСМ – го прати и на планински масив
Дуелот меѓу градоначалникот на СКопје, Орце Ѓорѓиевски и советникот од редовите на СДСМ, Горан Симоновски, ја обележа денешната седница за поставување советнички прашања во Советот на Град Скопје.
– Прво не ми повишувај тон, јас не ти повишив тон. Вото, Горан почитуван, јас не сум овде, јас не сум дојден овде на опера. Ако имаш проблем со својата состојба, реши го тоа на некој од планинските масиви во Македонија и повишувај го тонот. Јас те замолувам за достоинствено обраќање. Не си напанаќур и не си на тезга. Значи навредуваш, навредуваш, повиѓшуваш тон, и те трпам и те толерирам четири месеци наназад. Да, стварно, еве сега продолжуваш. Ама, види, јас, како да ти кажам, јад не сум раководител на душевна институција, сеа искрено ти кажувам, јас можам да ти одговорам на прашање, ама ти да вреѓаш и да настапуваш како што настапуваш… јас не сум медицинско лице, средно имам медицина завршено, можам крв да ти земам. Толку! – му рече Ѓорѓиевски на Симоновски, откако расправаа за поставените прашања, кои се однесуваа на фирмите кои работат за град Скопје бесплатно, за БРТ системот, а градоначалникот ги поврза и сметките на претпријатијата, кои како што тврди во неговиот досегашен мандат ги намалиле долговите, некои и за половина.
Планот за БРТ најави дека советникот ќе има можност да го види на редовна седница, а тогаш ќе ги видел и сметките на Градот и претпријатијата, па споредбено со оние од времето на Петре Шилегов, немало убаво да му паднат на Симоновски, па ќе му требале „шеќер и вода“.
Инаку, претходно Симоновски рече: „Вие градоначалник, спротивно на законот, правите паралелен систем, наречен општествено одговорни фирми. Тоа е систем во којшто нема правила, нема тренаспарентност и нема одговорност“. Како што појасни советникот Горан Симоновски од СДСМ, тоа е фирма која на градоначалникот може да му исчисти депонија, без при тоа да одлучува Советот. Ако ова не е дефиниција за корупција, не знам што е! Кои се овие фирми, на кои проекти работат и кој им прави надзори. Колку од овие претпријатија добиваат потоа тендери? Кој гарантира за квалитетот и безбедноста на она што го изработуваат. Се повика на улицата што води кон Теферич, која по неколку месеци пропадна и претставува опасност. Побара список на сите општествено одговорни фирми кои работеле во градот.
Ѓорѓиевски смета пак, дека луѓето (фирмите) „гледаат дека некој чесно работи и помагаат, ако не помагаат, треба да видиме зошто“, па инсинуираше дека им се држеле предмети со години на луѓе. Кога луѓето помаѓаат, Ѓорѓиевски не гледа проблем.
Симоновски појасни дека Ѓорѓиевски ветуваше дека ќе го исчисти Скопје за 72 часа, а фирмите што дојдоа да помогнат го корумпираат, затоа што работеле без одлука на Совет.
Откако седнаа на своите места, Ѓорѓиевски одговараше, а Симоновски го прекинуваше со потпрашања, па изнервиран од неговиот висок тон, Ѓорѓиевски ја дијагностицираше неговата душевна состојба.
Дискусијата може да ја слушнете од 2.17:56 понатаму: