Ѓорѓиевски: Ќе се избориме за поголема финансиска независност на општините од централната власт


Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во своето обраќање на четвртатаa седница на Генералното собрание, истакна дека се лоцирани повеќето аномалии во развојот на општините кои бараат итно унапредување на методологијата за правично насочување на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики и обезбедување на еднаков третман на општинската во однос на државната даночна администрација.

– Промените не се веќе потреба, туку неопходност. Ние мора заедно да се бориме за нашите права и заедно да направиме промена во нашите општини. Ситуацијата не е лесна, напротив, пред нас има големи препреки, но заедно сме во ова и ќе успееме. Јас, како претседател на ЗЕЛС нема да дозволам некој да не третира нас и нашите општини , а со тоа и нашите граѓани, со потценување и нема да дозволам некој да си поигрува со нашите финансии на сметка на собирање на политички поени, подвлече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најмногу се задржа на енергетската криза, која периодов е еден од најголемите предизвици за секоја локална самоуправа. Како што истакна, и покрај трите состаноци со централната власт на највисоко ниво, вклучително и со претседателот на Владата, наместо да се изнајде решение во корист на граѓаните, состојбата дополнително се влоши преку носење на два документа-изоставувањето на категоријата „улично осветлување“ од Тарифникот на новите цени на струјата и забраната од Владата до општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување.

– За првото, ЗЕЛС лобираше за враќање на оваа категорија во Тарифникот или за итно донесување на измени во Законот за комунални такси. Иако Министерството за финансии констатира дека е потребно да се направат законските измени, од таму до ден денес нема никакви поместувања. Предлозите од централната власт беа во насока, општините сами, преку советите да ја утврдат висината на оваа такса, што е апсолутно неприфатливо и поради тоа, ЗЕЛС испрати предлог до Министерството за финансии, цената на уличното осветлување да се пресметува со просечната цена на високата и ниската тарифа за мал потрошувач, зголемен за коефициентот LV 1.1., посочи Ѓорѓиевски.

Во однос на владината забрана општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување, тој информираше дека ЗЕЛС покренала иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката, со утврдување на предлог за донесување на времена мерка со која ќе се запре примената на истата, но минатата недела стигнало Решение со кое оваа иницијатива беше отфрлена.

Како позитивна, Ѓорѓиевски ја издвои вонредната мерка со која основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за снабдување со вода беа префрлени на регулиран пазар. Лобирањето на ЗЕЛС, во следниот период ќе биде насочено кон тоа училиштата да не се третираат како профитни организации бидејќи, според него, е неприфатливо да се плаќа по тарифа како за стопанственици и дека е задоволен што за ова ЗЕЛС има поддршка и од УНИЦЕФ.

Во контекст на МОН кое заедно со УНИЦЕФ ја работат новата предлог –методологија за распределба на блок дотациите за основно образование, Ѓорѓиевски укажа дека е неопходно зголемување на блок дотациите за образование, бидејќи има општини кои 95 % па и 97% од овие средства ги трошат за плата на вработените, а сето останато го покриваат од свои средства.