Нема втор дуел меѓу Ѓорѓиевски и Мециновиќ. Орце го откажа соочувањето на Телма
Кандидатите за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои в недела ќе се соочат на избори во вториот круг, денеска нема да ги видиме на уште една ТВ дебата, која требаше да биде на Телма – Ѓорѓиевски закажа митинг во Скопје, а Мециновиќ по вторпат ќе маршира од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.
„Дополнитени часови по локална самоуправа ќе држам од понеделник, после победата на избори“, арогнатно го почнува своето послание Ѓорѓиевски, вечерва на Фејсбук.
„Вечерва одбрав да бидам со мојот народ, на завршниот митинг во Скопје. Добро знаете, никогаш не бегам од ништо. Во однос на последните крици на Левица и Амар Мециновиќ по дебаклот што им се случи на дебата на телевизија Канал 5, а во врска со поканата за дебата на телевизија Телма, сакам да ве информирам следново: Веќе се одржа дебата меѓу мене и кандидатот за градоначалник од Левица, по која станаа јасни ставовите и јасна е сликата за двајцата кандидати. Евидентно е ниското ниво на политичка култура, но и присутната безидејност и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била натпревар и судир на концепти, туку судир меѓу концепт за Скопје, претставуван од мене и ВМРО-ДПМНЕ и демагогија, празна реторика и отсуство на план што се карактеристики на Амар Мециновиќ. На Скопје му требаат решенија, не демагогија. Затоа сметам дека вистинскиот тест и одлука ги носат граѓаните на избори, при што нагласувам дека целосно ја почитувам намерата и професионалноста телевизијата која испрати покана за дебата“, напиша Ѓорѓиевски.
Мециновиќ пак, исто така на Фејсбук најави дека утре ќе маршира од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, како што направи и пред првиот изборен круг.
За дебатата што не се одржа се огласи со соопштение и Левица.
„Иако пред очите на целата јавност владиниот кандидат Орце Ѓорѓиевски јасно изјави дека ќе се појави на Телма и ќе се соочи со својот противкандидат, денес, на денот кога дебатата требаше да се одржи дознаваме дека тоа сепак нема да се случи.
Очигледно, проблем сепак имало“, стои во нејзиното соопштение.
Телма вечерва објасни дека по одбивањето на дебатата од Ѓорѓиевски, уредниците зборувале со Мециновиќ, при што му било понудено да дојде на интервју, истиот ден за кога беше закажана дебатата. „Мециновиќ културно се заблагодари на нашиот професионален однос, но не ја прифати поканата“, велат од Телма.
Во соопштението објаснуваат и како течеле подготовките за дебатата што не се одржа.
„Што се однесува до дебатата што планиравме да се одржи на Телма, потенцираме дека ние не најавивме дебата, затоа што до последен момент чекавме потврда од двајцата кандидати. Поканата веднаш ја прифати Мециновиќ, а Ѓорѓиевски во текот на вчерашниот ден испрати известување дека нема да гостува“, велат од телевизијата.