Ѓорѓиевски ги најави градежните приоритети, булеварот „Хрватска“ е еден од нив
Еден од најважните инфраструктурни проекти за источниот дел на Скопје е изградбата на првата фаза од новиот булевар „Хрватска“, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој рече дека најзначајните сообраќајни проекти од неговата програма се кружните текови кај „Лимак“, нов мост на булеварот „Февруарски поход“, клучката кај Момин Поток, продолжување на булеварот „АСНОМ“ и изградбата на булеварот „Даме Груев“ во центарот на Скопје.
Со булеварот „Хрватска“ треба да има стратешко поврзување меѓу Гази Баба, Бутел и Чаир, како дел од внатрешната обиколница на Скопје, рече Ѓорѓиевски.
Тоа ќе овозможи побрз проток на сообраќајот, ќе го ослободи центарот од транзитните возила и ќе отвори нови можности за економски раст и локална поврзаност, додаде тој.
Паралелно со изградбата на новиот булевар, ќе се реализира и нов водоводен крак, кој е клучен за подобрување на водоснабдувањето во високите зони на Автокоманда и на Железара, како и во околните села во општина Гази Баба.
Меѓу клучните проекти е и изградбата на три кружни текови во центарот и пуштање на подземната сообраќајница под „Лимак“.