Ѓорѓиевски дозволи aеродромци секаде да се паркираат бесплатно, ама не го одложува зонското во Реонски
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска му дал насока на директорот на ЈП ,,Градски паркинг”, во Општина Аеродром, во Реонскиот центар каде се воведува зоната Д12, останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно.
И ова правило останува да важи за цел Аеродром!
„Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша, туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право!“, вели Ѓорѓиевски.
Но, дека не дослушува и не почитува до крај, докажува со следната реченица: „Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче. Веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, по што ќе следува и поставување информативни табли.“
Жителите на Ново Лисиче бараат зонското кај нив да почне заедно со она на Реонски Центар, за да не се прелеат сите автомобили во тој меѓупериод, потребен за обележување и воспоставување зона во Ново Лисиче, на нивна територија.
Денеска, упатија и апел до градоначалникот, а се закануваат и со блокади, доколку не биде уважено нивното барање.
Ѓорѓиевски додаде дека во Ново Лисиче ќе се обезбедат вкупно 2.719 паркинг-места.
„Со ова, ќе се обезбедат вкупно 2719 паркинг места кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем. Истовремено, правиме чекор напред и во дигитализацијата“, додава Ѓорѓиевски.
Повторува дека од 01.04.2026 година, граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи.
Дополнително, овозможено е и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со што процесот станува побрз, поедноставен и достапен за сите.