Ѓорѓиевски ја разрешил без образложение директорката на „Лајка“, од „Анима мунди“ велат дека е одлуката е политичка
Здружението „Анима мунди“ денеска откри дека Град Скопје ја разрешил директорката на јавното претпријатие „Лајка“ и активистка на здружението, Радмила Пешева, оценувајќи дека начинот на кој е спроведена постапката е несоодветен и без институционална транспарентност. Од здружението наведуваат дека одлуката била соопштена неформално, преку телефонски повик, без официјален состанок или писмено образложение.
Во реакцијата се посочува дека во изминатиот период биле доставени повеќе предлози, стратешки документи и планови за унапредување на работата на „Лајка“, насочени кон системско и хумано справување со бездомните животни.
Од „Лајка“, според здружението, се развил модел на работа кој вклучува соработка меѓу активисти, стручни лица и институции, со цел подобрување на третманот на бездомните животни и зголемување на јавната свест.
„Анима мунди“ оценува дека отстранувањето на луѓе кои учествувале во развојот на овој систем претставува чекор што може да влијае врз континуитетот и насоката на работата на институцијата.
Здружението бара одлуката да биде преиспитана, нагласувајќи дека „ќе продолжи со своите активности за заштита на животните и промовирање на хуман пристап во решавањето на овој проблем“.