Ѓонај: Постапката за отповикување на Мета е последица на неговото делување


Албанската министерка за правда, Етилда Ѓонај, гостувајќи на тиранската телевизја Њуз 24, зборуваше за барањето за импичмент на претседателот Илир Мета, што е на дневен ред на утрешната седница на Парламентот, на која треба да се изгласа и резолуција за негово разрешување.

Таа рече дека до тоа дошло како последица на делувањето на шефот на државата.

– Парламентарната дебата не е упорно настојување за разрешување, тоа доаѓа како резултат на уредбата на претседателот да го одложи датумот за одржување на локалните избори. Собранието утре со резолуција ќе донесе политичка одлука со која ќе оцени дека со уредбата на претседателот постои кршење на Уставот. Следуваат низа процедури за да се дојде до разрешување. Но, ви велам дека не е целта негово разрешување туку е последица на чин што го сторил претседателот. Ја го гледам толку едноставно, изјави Ѓонај.

Таа посочи дека ако биде разрешен од Собранието, одлуката ќе мора да помине и во Уставниот суд.

– За негово разрешување одлука ќе мора да донесе Уставниот суд. Тој е во процес на проверка на кандидатите кои конкурирале за членови по што ќе следува изборот. До крајот на јули, ќе бидат пополнети испразнетите места и ќе биде комплетиран судот, најави министерката.

Оваа највисока судска инстанца не фукционира повеќе од една година. Во моментот има само еден судија,Виторе Туша, и таа е со завршен мандат, а другите беа разрешени откако не поминаа во процесот ветинг, односно неможност да го оправдаат потеклото на имот.

Уставниот суд има девет членови со мандат од седум години, без право на повторен избор. Се избираат тројца на предлог на претседателот на држвата, исто толку на предлог на Врховен суд, кој исто така не функционира, и тројца на Парламентот.