Ѓоковиќ со победа во четири сета го почна настапот на Вимблдон
За победа над 253 – рангираниот тенисер на АТП листата на Ѓоковиќ му беа потребни два часа.
Британскиот дебитант на грен-слем турнирите во третиот гем од првиот сет направи брејк и ја зачува предноста за да поведе со 1:0 во сетови, по што Ѓоковиќ го крена нивото на игра и со по два брејка во следните три сета обезбеди пласман во второто коло.
Следен противник на Ѓоковиќ ќе биде победникот од дуелот меѓу Чилеанецот Марсело Вера и Кевин Андерсон од Јужна Африка.
Кога пред две години Новак Ѓоковиќ во епското финале по пет часа игра го совлада Роџер Федерер, никој не претпоставуваше дека тоа ќе биде последниот меч во две години на вимблдонската трева.
Пандемијата од коронавирусот доведе до тоа минатата година да биде откажан најпознатиот тениски турнир во светот, па затоа сега за секој тениски фан исчекувањето за првиот поен на Централниот терен во „Ол-ингланд“ клубот е уште поголемо.
Уште поголемо е значењето на овој Вимблдон поради тоа што Новак Ѓоковиќ може да стигне до 20 гранд-слам титула и со тоа да се израмни на врвот на вечната листа со најголемите ривали Роџер Федерер и Рафаел Надал. Популарниот Рафа одлучи по поразот во полуфиналето на Ролан Гарос од Србинот, да го откаже учеството во Лондон, а Роџер Федерер е енигма бидејќи во последните две години не одигра повеќе од десет натпревари.
Кај дамите Серена Вилијамс веројатно ја има последната шанса да стигне до бројката од 24 гранд-слема на нејзиниот Вимблдон и да се израмни со легендарната Маргарет Корт на вечната листа. Кај дамите навистина се е можно и нема изразита фаворитка на секој гранд-слем нешто што го покажа и Ролан Гарос каде изненадувачки триумфираше Барбора Крејчикова.
Виолетово-зелено, јагоди со шлаг и шампањ, малку лондонски дожд и многу драма и емоција во потера по вечноста. Следните две недели се најважните во годината на секој заљубеник во тенисот.