Ѓоковиќ со 200-та победа во сала до полуфиналето во Атина


Атина – Новак Ѓоковиќ стигна до уште еден импресивен рекорд во својата блескава кариера со 200-та победа во сала. Српскиот ас вчера попладне го совлада Португалецот Нуно Борхес со 7-6(1), 6-4 и обезбеди пласман во полуфиналето на Хеленик шампионатот во Атина.

Иако пропушти три шанси за брејк во првиот сет, Ѓоковиќ повторно ја покажа својата ментална цврстина токму кога беше најпотребно. Во тај-брејкот одигра совршено, поведе со 6-1 и ја раздвижи публиката со карактеристичен момент на еуфорија, трчајќи долж теренот за да им даде петка на фановите пред да го затвори сетот.

Во вториот сет, поранешниот светски број 1 ја задржа концентрацијата и контролата над мечот, освојувајќи ја победата по еден час и 44 минути, доволно време за да ја обезбеди својата 199-та полуфинална пресметка во кариерата.

Со ова, 38-годишниот Белграѓанец стана првиот активен тенисер со 200 победи во сала (200-50), бројка што ја потврдува неговата конзистентност и долговечност на највисоко ниво.

Оваа недела Ѓоковиќ го брка својот 101-ви трофеј на АТП турнирите, откако веќе оваа година стана само третиот тенисер во историјата со најмалку 100 освоени титули (по Конорс и Федерер).

Во полуфиналето во Атина ќе го очекува дуел со победникот од мечот меѓу Маркос Гирон и Јаник Ханфман.

Во групата со Алкараз на завршниот Мастерс

Српскиот тенисер , како петти рекет на светот, обезбеди место на завршниот Мастерс турнир во Торино. Организаторите на турнирот ја направија ждрепката за последното натпреварување во сезоната, а познато е дека Ноле ќе биде во групата со Карлос Алкараз, Тејлор Фриц и Алекс де Минаур. Од другата страна, тука се Јаник Синер, Александар Зверев, Бен Шелтон и најверојатно Феликс Оже-Алијасиме (неговото место сè уште не е загарантирано).

Сè уште не е познато дали Ѓоковиќ ќе биде на овој турнир. Неговото место е обезбедено, но тој сè уште не го потврдил учеството во натпреварувањето кое досега го освоил во седум наврати (2008, 2012, 2013, 2014, 2015, 2022 и 2023).