Ѓоковиќ, Синер и Алкараз во четвртфиналето во Шангај


На мастерс тенискиот турнир во Шангај денеска дел од главните фаворити без проблеми стигнаа до четвртфиналето, но елиминација дожиевеа вториот носител. Меѓу најдобрите осум се Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкараз, Јаник Синер и Данил Медведев.

Ѓоковиќ до своето 10-то четвртфинале на мастерсот во Шангај дојде откако го реши Роман Сафиулин во два сета со 6-3 и 6-2. Четирикратниот шампион на овој турнир во следната рунда ќе се соочи со Јакуб Менсик, кој пак го изненади Григор Димитров во три сета со 6-3, 3-6 и 6-4. Интересно, Чехот со 19 години стана најмладиот четвртфиналист во историјата на турнирот во Шангај.

Првиот фаворит Јаник Синер со 6-4 и 7-6 го совлада Бен Шелтон и во четвртфиналето ќе игра со Данил Медведев, кој пак беше подобар од Стефанос Циципас со 7-6 и 6-3.

Карлос Алкараз со 6-4 и 7-5 го елиминираше Гаел Монфис и за ривал во четвртфиналето го доби Томаш Махач, кој во три сета го изненади 11-тиот носител Томи Пол.

Тејлор Фриц исто така се пласираше во четвртфиналето по убедливата победа од 6-1 и 6-2 против Холгер Руне, а негов ривал ќе биде Давид Гофан, кој сензационално го елиминираше вториот носител Александер Зверев во два сета со  6-4 и 7-5.