Ѓилас премиер
Се чини дека претстои ново рекомпонирање на политичката сцена во Србија, можното повторување на изборите во Белград звучи само како изговор, додека примарна цел е јавноста полека да почне да се навикнува на новото дуо Вучиќ - Ѓилас
Се чини дека претстои ново рекомпонирање на политичката сцена во Србија, можното повторување на изборите во Белград звучи само како изговор, додека примарна цел е јавноста полека да почне да се навикнува на новото дуо Вучиќ – Ѓилас
Тешко е да се оттргне впечатокот дека одѕивот на гласачите изборите во Србија е значително потценет. Колони избирачи се собраа на гласачките места, барем во Белград. Ваква гужва одамна не сме виделе на гласање. Единственото алтернативно објаснување би било дека гласањето било неприфатливо лошо организирано, што само по себе фрла сенка врз резултатите.
Според објавените резултати, Српската напредна партија (СНС) загуби голем број гласачи, кои беа речиси рамномерно распоредени меѓу сите преостанати партии и коалиции. „Главната опозиција“, коалицијата „Обединети“, речиси и да не профитираше од тој пад на рејтингот на владејачката партија и забележа прилично скромен резултат, покажувајќи дека не може да ги капитализира грешките на противниците. Тоа се двајцата главни губитници на 3 април; сите останати се, разбирливо, задоволни од постигнатото.
Распадот на Демократската партија (ДС) се покажа како непоправлива загуба за српските демократски и проевропски сили. Десетгодишното растопување на силната, организирана и професионализирана партија ги направи демократски посветените граѓани сираци. Се чини дека токму тоа е она што поранешните гласачи на ДС најмногу им забележуваат на своите поранешни лидери, повеќе од грешките што ги направија додека беа на власт. Овој сегмент од гласачкото тело е расцепкан на десетина групи кои не успеваат организациски и идеолошки да се консолидираат и да обезбедат вистинска алтернатива на СНС. Најлошото е тоа што се чини дека сме далеку од создавање сериозна политичка организација која би ги застапувала идеите за демократија и уредено општество.
Стабилниот резултат на десничарските, фашистичките и протофашистичките организации не е изненадување. Од врвот постојано се испраќаа две пораки: едната „државнаа“, шатро полирана и со вратоврска, а другата ултранационалистичка, за која беа користени утрински програми на Пинк и Хепи, како и улични мурали и фашистички фаланги, кои поплавија Врачар и Лиман. Затоа, нема сомнеж дека овие партии се под директна контрола на власта, како замена за и онака мрзливите и уморни радикали, кои се појавуваат многу погодно поделени со три, само за да не им текне ништо безобразно.
Исто така, јасно е дека Белград ја отфрли власта на напредњаците и нејзиниот долгогодишен јарем. Ако на гласачите им беше понудена подобра алтернатива, поразот на СНС секако ќе беше јасен и убедлив.
Сепак, постизборните настани ги засенија самите избори. Од затворањето на гласачките места и јавното обраќање на главните актери, почна да се појавува сосема нова реалност. Претседателот не ја спомна Социјалистичката партија на Србија (СПС) како можен коалициски партнер (подоцна дознавме дека Ивица Дачиќ залудно му се јавувал дури 12 пати), констатираше дека Србија се свртела в десно поради војната во Украина, но забележа и дека двајца актери, СНС и коалицијата на Ѓилас поминаа полошо, бидејќи додека се напаѓаа меѓусебно другите користеа. Потоа Зорана Михајловиќ изјави дека знае „кој нема да биде премиер“, а наскоро ќе следи јавен ТВ флерт на двајцата заколнати противници, што доведе до официјална средба Андриќев венец.
Се чини дека претстои ново рекомпонирање на политичката сцена, а разговорот за повторување на изборите во Белград звучи само како изговор, додека примарна цел е јавноста полека да почне да се навикнува на новото дуо. Премиерката одненадеж стана „Ана од Јарково“, Вулин изгледа дека оди во Кина, а ни Шерлок Холмс не може да го најде Шапиќ и не треба да нè чуди ако во седиштето на владата се појават сосема нови луѓе. Војната во Украина радикално смени важен фактор во српската внатрешна политика, а тоа е надворешниот фактор. Седење на повеќе столчиња веќе не е можно и на Србија ѝ е потребна нова влада, која ќе биде прифатлива за третиот коалициски партнер, кој слета во Белград ден пред изборите. Изборот очигледно падна на Драган Ѓилас, кој веројатно веќе е уморен од опозицијата и чекањето на Годо. А претседателот во неколку наврати ја покажа својата наклонетост кон поранешниот кадар на „жолтите“, од Мали преку Весиќ, а сега до Ѓилас.
Владата најверојатно ќе ја формираат СНС, Партијата на слободата и правдата на Ѓилас и малцинствата, а во неа ќе има многу „непартиски личности“. Таа комотно ќе заседне во центарот и ќе ги растера на меѓусебно оддалечена маргинакако десничарските сателити (кои сигурно ќе играат дисциплинирана улога – на крајот на краиштата, тие ја вежбаат со децении) и автентичните и некорумпирани проевропски групи, атомизирани и слаби кои неминовно ќе се најдат во ситуација во голем број случаи да поддржуваат некои потези на владата, пред сѐ воведување санкции за Русија, а во исто време ќе го трпат теророт на десницата и понижување на властите.
Проевропската опозиција е збунета и се чини дека не е свесна што се случува. Таа е фрагментирана, неорганизирана и нема јасно дефинирана политика, нема лидери околу кои би можеле да се стегне и да се подготвуви за битка. Додека го броиме она што веројатно дури ни Бог не би го изброил, од другата страна, се чини дека картите се веќе поделени.
(Весна Пешиќ е познат српски социолог, политичар и борец за човекови права. Текстот е објавен во „Пешчаник“)