Гир: Некои измени на Кривичниот законик се ризик за зголемување на неказнивоста


Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека Европската комисија веќе изрази загриженост дека некои од измените на Кривичниот законик носат ризик за зголемување на неказнивост.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со измените на Кривичниот законик, тој рече дека на ова прашање веќе беше одговорено од претставници на Брисел и дека Европската комисија имаше неколку забелешки.

– Европската комисија имаше неколку забелешки. Прво изрази загриженост за употреба на европското знаменце на овој начин за да го забрза допнесувањето на некој закон со што се скратува можноста за јавна дебата во земјата. Комисијата исто така изрази голема загриженост дека некои од амандманите на законот се ризик за зголемување на неказнивоста – рече евроамбасадорот Гир.

Притоа додаде дека Европската комисија потсети на клучната важност на владеењето на правото во самата земја што се однесува на самиот принцип на неказнивост, односно дека кривичните дела поврзани со тоа треба да бидат адресирани на вистински начин.