Гинтер Ферхојген не може да разбере зошто Бугарија има спор со Македонија

Да бидам искрен, едноставно не разбирам што е проблемот. Знам дека има тензија, но навистина е чудно, вели поранешниот комесар за проширување во интервју за бугарската телевизија


 

Човекот кој го подготви големото проширување на Европската унија на исток во 2004, Гинтер Ферхојген, вели дека не може да разбере во што е проблемот во спорот на Бугарија со Македонија. Германецот Ферхојген беше комесар за проширување и од него наваму ниту еден од оние што го наследија нема толкава моќ и влијание не само во Европската комисија, туку во целата Европска унија.

Во интервју за Бугарската телевизија (БНТ) Ферхојген вели дека во ЕУ гледале во Бугарија по нејзиното приклучување кон блокот како земја која може да гарантира добри односи со соседните земји, да ги намали тензиите во овој дел од Европа и да помогне да се интегрира Западен Балкан. „Оваа перспектива сè уште не е исполнета“, вели тој.

За бугарско-македонскиот спор Ферхојген вели: „Да бидам искрен, едноставно не разбирам што е проблемот. Знам дека има тензија, но навистина е чудно. Ова е прашање од деветнаесеттиот век“. Тој нагласува дека, иако ја знае историјата на регионот, европската интеграција значи дека треба да го оставиме овој проблем зад нас. Тој е од минатото. „Македонија е земја кандидат. Порано или подоцна ќе влезе во ЕУ. Не гледам што добива ниту една земја од овој спор. Има многу други слични примери во европската историја кога сме ги напуштиле духовите од минатото. Тоа треба и тука да биде можно“.

Тој додава дека Европската унија се дели на две класи. Клубот на старите земји членки и тој на новите. „А дојденците често се жалат дека ги третираат како втора класа. Европската интеграција во целина е западноевропски проект, производ на Студената војна. Тогаш имаше непроодна граница меѓу двата дела на континентот. Во срцата на многумина, оваа граница сè уште постои и има мал интерес за историјата на Источна Европа. Но, ако не ја разбереме историјата на овој регион и неговите илјадагодишни односи со Русија, не можеме да ја разбереме војната во Украина“.

Тој ѝ порачува на новата влада во Софија, ако се формира, да биде проевропски ориентирана, а Бугарија да се концентрира на улогата што може да ја одигра во поширокиот регион.