Гилотина на протестите – симболика или најава за „револуционерен терор“


 

Гилотината што денеска поддржувачите на Левица ја донесоа пред Собранието за наводен перформанс, со кој треба да се обезглави францускиот предлог за многумина од присутните изгледаше како добра можност за фотографирање, се чини дека оди подалеку од симболиката. Иако на гилотината имаше хартија со натпис „француски предлог“ самото орудие без оглед во каква и да е рудиментирана форма побудува асоцијации за револуционерниот терор што настапи во неколкуте години по Француската револуција во 1789 година. Во тој терор им беа отсечени главите не само на кралот Луј 16 и кралицата Марија Антоанета, туку со тешкото сечило беше погубен и иницијаторот на тој терор – Робеспјер.

Асоцијациите некогаш одат подалеку од првичните желби на авторите, па со едноставно тргање на хартијата со натписот „француски предлог“, целиот „перформанс“ може да значи повикување на „револуционерен терор“. Се разбира, на оние што од протестантите се означени како предавници.

Левица ги пресели и шаторите кои беа пред Владата на тревникот пред Собранието. За утре се најавува протест и во времето кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе се обрати пред пратениците во 13 часот. (Н.В.)