Германските железници ќе укинат речиси половина од 12.000 работни места


Германскиот железнички превозник DB Cargo планира да укине 6.200 работни места како дел од сеопфатното реструктуирање на своето работење и излегување од минус, изјави извршниот директор Бернхард Осбург. Според Осбург, DB Cargo ќе укине 6.200 од своите приближно 14.000 работни места со полно работно време во Германија, во речиси сите оддели, вклучувајќи транспорт, планирање, администрација, продажба и ИТ.

Отпуштањата на работни места се дел од поширок план за реструктуирање на подружница на германската државна железничка група Deutsche Bahn. Европската комисија одобри помош од германската држава за DB Cargo под услов да ги постави темелите за независни, долгорочни одржливи операции до крајот на 2026 година.

Компанијата објави оперативна загуба од 96 милиони евра во првата половина од минатата година. Претходничката на Осбург на позицијата раководител на DB Cargo, Сигрид Никута, исто така се обиде да го реструктуира бизнисот, но се повлече откако независните ревизори негативно го оценија нејзиниот план за закрепнување.

Осбург сега презентираше среднорочна стратегија која се потпира на четири столба и треба да се спроведе до 2030 година. Проценката на независниот ревизор треба да биде доставена до крајот на месецот, а вработените и надзорниот одбор беа известени оваа недела.

Со оглед на слабеењето на побарувачката од клучните германски клиенти во автомобилскиот, хемискиот и челичниот сектор, DB Cargo планира да го префрли својот фокус на други европски пазари.

Компанијата, исто така, има за цел да ги намали трошоците за околу 1 милијарда евра до 2030 година, вклучувајќи намалување на 4.000 работни места, поедноставување на административните процеси и подобрување на ефикасноста на возниот парк.

Дополнителни 2.000 работни места ќе бидат елиминирани во товарниот транспорт со „скратени“ состави, кои ќе бидат реорганизирани. Дури и со новата структура, тој дел од бизнисот ќе работи со загуба и ќе зависи од федералната поддршка, истакна Осбург.